Вардар го пречекува европскиот првак Хамбург - во сабота спектакл во „Борис Трајковски“
Нашиот ракометен шампион во сабота ќе го има својот дебитански настап во ТОП 16 фазата во ЛШ против европскиот шампион Хамбург.
Мечот ќе се игра во салата „Борис Трајковски“.
Влезниците се веќе распродадени, што само е потврда за спектаклот кој што треба да следува.
Ова е меч за македонските ракометари во кој што нема што да загубат, а пласманот во ТОП 16 фазата во дебитанската сезона во ЛШ сам по себе е успех.
Со секој нареден меч само ќе се надополни одличната сезона во елитното првенство.
Тренерот на Вардар Раул Гонзалес вели дека противникот е фаворит на овој натпревар, а неговите ракометари ќе треба да се надминат себе си за евентуална победа.
-Натпреварот секако е важен за нас. Играме против европски првак, една од најдобрите екипи во светот, тим составен од ѕвезди. Тие играат брз ракомет со многу цврста одбрана и напад со одлични шутери. Ние треба да одиграме многу, многу добро пред се во одбраната, а во нападот треба да одиграме мирно. Не смееме да брзаме и да правиме технички грешки бидејќи противникот сето тоа може да го казни со нивните брзи контра напади, вели тренерот на РК Вардар, Раул Гонзалес.
Мотивација на овој натпревар за ракометарите на нашиот тим нема да недостасува. Играат против тим кој е великан во светскиот ракомет.
-Според мене по Барселона, Хамбург е најдобриот тим во моментов. Но, тоа нема да не исплаши. На овој двомеч нема што да загубиме и ќе се обидеме да постигнеме барем една победа што ќе претставува голем успех за нас. Можеби се технички подобри од нас, но не смеат да не победат во борбеност. Мораме со максимална борбеност за секоја топка да се обидеме да стигнеме до повелен резултат, изјави капитенот на РК Вардар Филип Лазаров.
Натпреварот помеѓу Вардар и Хамбург се игра во сабота во салата „Борис Трајковски“ со почеток во 18:00 часот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа