Барса го освои Мадрид - Меси го сруши рекордот на голови на „Ел Класико“ (ВИДЕО)

 

Фудбалерите на Барселона го победија Реал Мадрид во големото дерби на шпанскиот фудбал кое беше одбележано со седум постигнати голови и нов рекорд на Лионел Меси. По овој триумф Каталонците се вратија во трката за титулата во шпанската Примера.

Барселона победи со 4:3, а Аргентинецот постигна три голови и стана играчот со најмногу погодоци во историјата на „Ел Класико“. Меси со синоќешните погодоци стигна до бројката 21 во меѓусебните дуели на лутите ривали и го помина легендарниот Ди Стефано кој своевремено играше за Реал и водеше на листата најдобри стрелци со 18 голови.

Покрај Меси кој погоди во 42.минута и двапати од пенал (65 и 84) стрелец за Барселона беше и Андрес Иниеста (7). За домаќините головите ги постигнаа Карим Бензема (20 и 24) и Кристијано Роналдо од пенал (55).

На другите натпревари од 29.коло постигнати се овие резултати: Гранада – Елче 1:0, Еспањол – Леванте 0:0, Ваљадолид – Рајо Ваљекано 1:1, Селта Виго – Малага 0:2, Атлетик Билбао – Хетафе 1:0, Осасуна – Севиља 1:2, Бетис – Атлетико Мадрид 0:2 и Валенсија – Виљареал 2:1.

Алмерија и Сосиедад вечерва ќе играат во последниот натпревар од ова коло.

Табела: Реал Мадрид 70 бодови, Атлетико Мадрид 70, Барселона 69, Атлетик Билбао 55, Севиља 47, Сосиедад 46, Виљареал 45

24.03.2014 - 09:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега