Промовирана „Евроинс Школа за трчање“ првата школа за трчање во Македонија

 

Македонскиот шампион во полумаратон Кокан Ајановски во соработка со Кокан Ајановски денеска ја промовираше школата во трчање која е прва во Македонија наречена „Евроинс Школа за трчање“. 

- Идејата е со оваа школа за трчање да ги опфатиме буквално сите, без разлика дали се луѓе кои трчаат повремено, дали се рекреативци или пак луѓе кои никогаш не трчале, а место ќе има и за оние кои напредно трчаат и сакаат да добијат плус информации и совети за подобрување на нивните резултати. Подготвен сум целото мое знаење да им го пренесам нив. Луѓето треба да знаат дека секој може да почне да трча без разлика на возраста. Граница тука нема, изјави Ајановски на денешната прес-конференција.

Сите оние кои ќе се пријават во оваа школа ќе можат да учествуваат на престојниот Скопски маратон без разлика дали тоа би била трка на пет километри или полумаратон. 

- Очекувам да се пријават доста луѓе на кои јас ќе им помогнам користејќи го моето искуство од трките низ цела Европа. Луѓето освен за трчањето, ќе добијат информации и за здравиот начин на исхрана кој што е многу важен сегмент за успех во спортот. Планирам во иднина и други проекти и развивање на оваа школа, рече Ајановски.

Освен првите луѓе на компанијата Евроинс, поддршка за овој проект даде и директорот на Скопскиот маратон Кире Синадиновски.

- Скопскиот маратон секоја година станува се помасовен и тоа е настан кој ги поврзува сите луѓе кои сакаат да рекреираат. Маратонот не е само за професионалците, туку ги привлекува и останатите љубители на трчањето не само од нашата земја, туку и од странство. Овој проект на Ајановски ќе придонесе уште повеќе да се зголеми бројот на лицата кои трчаат, а со тоа и бројот на учесници на Скопскиот маратон, потенцира Синадиновски.

Секој што ќе се пријави во Школата за трчање добива:

- мерење на телесните параметри (висина, тежина, процент на масни наслаги, индекс на телесна маса, калориски потреби итн.);

- едукација околу правилна исхрана и здрав и активен начин на живот;

- индивидуална програма за тренинг до Виз Ер Скопски маратон; 2 до 3 групни тренинзи – трчање на кеј на Вардар со времетраење од 45 мин. до 1ч.30 мин (работен ден,сабота и недела).

09.04.2014 - 14:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега