Македонските кошаркари се обединија против клубовите да донесат повеќе странци

 

Кошаркарите се обединија околу тоа да бидат против иницијативата на клубовите, бројот на странци кои ќе играат во Македонија да биде зголемен на шест без ограничување. Против околу ваквиот предлог беа сите капитени на кошаркарските екипи и членови на Првата македонска лига кои својот став го обелоденија преку медиумите нагласувајќи дека ваквата мерка ќе остави тешки и ненадоместливи последици за кошаркарскиот спорт во Република Македонија, се наведува во соопштението.

Барањето на неколку клуба за ваква драстична мерка, се вели натаму, е потполно во спротивност со интересите не само на нас, домашните кошаркари, туку и на иднината на кошаркарските репрезентации и кошарката во Македонија во целост.

- Апелираме до клубовите, да имаат поголем сенс и да покажат визија со која уште повеќе ќе ја унапредиме Македонската кошарка. Очекуваме од нив да посветат многу поголемо внимание во продукцијата на млади домашни кошаркари и давање простор и шанса за своите деца. Ние не сме против присуство на странски кошаркари, напротив, особено ако станува збор за квалитетни играчи кои не само што ќе го зголемат квалитетот на лигата, туку и покрај нив нашите млади кошаркари ќе имаат шанса да научат и да напредуваат. Меѓутоа, можноста за неограничен настап на странски играчи, не само што комплетно ќе го затвори просторот за настап и напредок на домашни играчи, туку и ќе ја уништи мотивацијата кај младите деца да влезат во спортот кој има извонредна тендеција на напредок и успеси во последниве години и е најмасовен во Република Македонија, пишува во соопштението.

Играчите навестија дека е можно да го искористат своето право согласно Статутот на Македонската Кошаркарска Федерација, и преку формално Здружеие на кошаркари на Македонија, институционално да добијат можност да ги презентираат нивните ставови и аргументи. 

Затоа тие, како инцијативен одбор, на 24 април ќе ја одржат првата седница на Собранието на Здружението на кошаркари на Македонија, на  седницата на која ги покануваат сите полнолетни кошаркари и кошаркарки во Република Македонија.

На денешната средба присуствувале Тодор Гечевски (КК МЗТ Скопје Аеродром), Јане Петровски (КК Работнички), Дарко Радуловиќ (КК Куманово 2009), Диме Тасовски (КК Лирија) и Миливоје Трифуновски (КК Вардар Апаве).

Оваа иницијатива добила и подршка од претставници на КК Кожув, КК Фени Индустри, КК Струмица и КК Карпош Соколи, кои од објективни причини не биле присутни на состанокот.

15.04.2014 - 13:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега