Philip Morris потврди: Ќе произведува Маrlboro во Прилеп
Деновиве завршиле преговорите за усогласување на текстот на договорот на Филип Морис со Тутунски комбинат од Прилеп за заедничко вложување, рече вечерва на митингот во Прилеп премиерот Груевски. Договорот ќе биде потпишан по изборите. Ова за економски.мк го потврдуваат и од Белград, каде се наоѓа седиштето на компанијата за овој дел на Европа, пишува Економски.
Договорот е постигнат по објавениот повик за стратешко партнерство од јули лани, а ќе се реализира преку формирање на ново ДОО во кое Филип Морис ќе има 51%, а ТКП 49% учество во капиталот, рече Премиерот.
„Филип Морис постигна договор со Тутунски Комбинат Прилеп и ние сметаме дека новото друштво ќе придонесе за унапредување на деловното работење на компанијата во овој дел од Европа“, изјави Маја Шотра, менаџер за комуникации на Филип Морис, за економски.мк.
Премиерот вечерва рече дека стратешкото партнерство ќе се реализира преку новоформираното друштво ќе биде одговорно за производство, дистрибуција, промоција и продажба на заедничките брендови што значи дека водечките светски брендови на Филип Морис ќе се произведуваат во Прилеп заедно со домашните брендови. Ќе се унапредува и асортиманот на прилепските производи за тие да се приближат до квалитетот на брендовите на Филип Морис, објасни премиерот.
Договорот обезбедува директен пласман на значителни количини македонски ориентален тутун за потребите на Филип Морис.
Со Договорот за стратешко партнерство се обезбедуваат дополнителни средства за инвестиции, осовременување на производството и подобрување на продуктивноста на Тутунски комбинат. Ова ќе придонесе за стабилизирање на работењето на Тутунски комбинат кој ќе се трансформира во профитабилна компанија.
Формално договорот ќе биде потпишан откако ќе го одобри Собранието на акционери на Тутунски комбинат АД Прилеп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа