Македонското вино на специјален саем во Чешка
Македонските вина деновиве ќе бидат презентирани на две различни манифестации во Чешка, на 12. Меѓународен саем за вино и на 17. Меѓународен саем за гастрономија, јави дописникот на МИА.
Претставувањето го организира здружението „Вина од Македонија” со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и македонската Амбасада во Прага.
Во рамки на 12-тиот Меѓународен саем за вино (ИВСП) во престижниот хотел „Хилтон“ денеска се одржуваат две дегустации на 7 бели и 7 црвени македонски вина, водени од заменик-претседателот на Здружението на сомелиери на Чешката Република Иво Дворжак.
Годинава специјалитет е „Мастерклас Тејстинг на македонските вина“, стои во соопштението за медиумите од раководството на Саемот.
На презентацијата наменета за професионалци кои увезуваат, тргуваат и дистрибуираат вина и пијалаци, учествуваат винарските визби Тиквеш, Сковин, Стоби, Далвин, Камник, Бовин и Попов.
- Со учеството на настаните последните две години, целта ни е да се гради препознатливоста на македонското вино во Чешка, поголем пласман на нашето брендирано, флаширано вино на тој пазар и градење на брендот на македонско вино, изјави координаторката на здружението „Вина од Македонија” Елена Милошевска.
Според неа, вкупните резултати за извоз покажуваат дека на пазарот во Чешка интересот за флаширано македонско вино постојано се зголемува.
ИВСП е најголема специјализирана манифестација од овој тип која се организира два пати годишно, на пролет и наесен и на која учествуваат над 120 странски излагачи годишно, кои се претставуваат пред бизнис партнери од Чешка и од Словачка.
Годинава покрај македонските учествуваат странски и домашни винарии и дистрибутери кои ќе ги претстават вината од Словенија, Италија, Франција, Шпанија, Германија, САД, Јужна Америка и други земји.
- На посебното претставување на македонските вина на т.н „Мастерклас“ учествуваа триесетина учесници и истовремено со тестирањето кое беше одлично оценето одеше и видео презентација на нашата земја, на винските региони и на сите карактеристики во врска со виното, истакна амбасадорот на Република Македонија во Чешка Паскал Стојчески.
Стојчески потенцираше дека од денешната манифестација се очекува позитивен ефект и зголемен интерес од професионалните претставници кои ќе придонесат за зголемување на веќе постојните поврзувања во деловна смисла.
Македонските вина ќе бидат презентирани и на 17. Меѓународен саем за гастрономија „Вино и деликатеси“ што од утре до 25-ти април ќе се одржува во Прага. Тридневната манифестација е најголемата изложба на вина и жестоки и останати пијалаци и разни закуски во „новите“ земји на Европската унија.
Претставувањата на македонските вина во Чешка, вклучувајќи го и ланското во декември, се дел од Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство.
Потрошувачката на вино во Чешката Република има тенденција на постојан пораст не само кај конзументите туку расте и интересот за винарската област, производството, складирањето и дегустацијата на виното. Интересен тренд во последно време е што се намалува интересот за конзумација на пивото кој се смета за чешки национален пијалок, а се зголемува популарноста на виното.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа