Станиќ и во наредната година ќе ја чува мрежата на Металург
Чуварот на мрежата на македонскиот вицепрвак Металург, Дарко Станиќ и во наредната година останува меѓу стативите на тимот од Автокоманда. Ваквата информација ја потврди и самиот Станиќ за Спортмедиа, чиј договор со металците му истекува во 2015 година.
„Како што засега стојат работите, јас останувам во клубот. Имам договор на уште една година и би требало да го одработам до крај“, ни потврди српскиот интернационалец, за кого во текот на целата година се плетеа приказни дека ќе си замине од Металург по крајот на оваа сезона.
Во јавноста се вртеа шпекулации за негов ангажман во унгарски Веспрем, а потоа се редеа и имиња на клубови од Германија. Неговото име се поврза и со премин во Вардар, но по несогласувањата на Станиќ со челниците на кллубот, за што беше и суспендиран, тој остана да ги брани сино-белите бои и со успех да настапува во ЛШ.
Неговата замена, Црногорецот Раде Мијатовиќ, од наредната сезона ќе брани за унгарскиот Чургу, па во клубот на Лино Червар, покрај Станиќ, останува и репрезентативецот Никола Митревски. Но, според последните информации, Металург ќе ангажира и трет чувар на мрежата и тоа ќе биде реномирано име од Европа, кое уште повеќе ќе ја зголеми конкуренцијата за место меѓу стативите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа