Ставрески: Намалувањето на ддвто од 18% на 5% ќе ја поевтини сточната храна
Конкурентно и рентабилно сточарство ќе биде клучната придобивка од најновата владина мерка за намалување на данокот на додадена вредност за добиточната храна, адитивите и живиот добиток од 18 на пет отсто.
Како што рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со претставници на земјоделците и компаниите од секторот сточарство, ефектите од намалувањето на ДДВ ќе бидат повеќекратни, пониски трошоци за производството на месо и млечни производи, намалување на сивата економија и зголемување на конкурентноста на фирмите преработувачи.
- Се работи за долгогодишно барање на земјоделците кои беа упорни, со право, со аргументи. Од тие причини ја ставивме оваа мерка во програмата и ја усвоивме уште на првата владина седница, истакна Ставрески, додавајќи дека ова воедно претставува континуитет во мерките за поддршка на македонското земјоделство.
Од намалувањето на стапката на ДДВ, нагласи, се очекува драстично намалување на работењето на црно и плаќање на обврските кон државата.
- Владата продолжува со реализирање на предвидените мерки во аграрот. И натаму ќе имаме слух за барањата на земјоделците. Остануваме посветени на решавањето на нивните проблеми, но и на воведување новини во секторот, потенцира Ставрески.
Ресорниот министер Љупчо Димовски изрази задоволство од исходот на разговорите со земјоделците кои, напомена, траеја подолго време.
- Со оваа мерка ќе се интензивира производството на сточна храна од која сме моментно увозно зависни. Но, во следниот краткорочен период сите земјоделски обработливи површини ќе бидат користени за производство на сточна храна што е голема придобивка, секторот за нејзина преработка дополнително ќе се мотивира, а ќе се зголеми и одгледувањето добиток, како и на производство на месо и млечни производи, рече Димовски.
Тој оцени дека Македонија одгледува квалитетни земјоделски и сточарски производи, а намалувањето на ДДВ е само надополнување на таквиот процес.
Земјоделците ја поздравија владината одлука зашто со неа, истакнаа, е исполнето нивното повеќегодишно барање, но е исправена и неправдата - стиумилрање на произвдоството на пченка со пет отсто, а дестимулирање на производство на јачмен со 18 отсто. Очекуваат поголема конкурентност и продуктивност, намалување на увозот и отворање повеќе работни места во сточарството.
- Владата многу пријатно не изненади. Ова не е е само политика и предизборно ветување, туку реалност. Очекуваме многу успешна работа како производители. Повеќе од 60 отсто од нашите фармери се мали и не се повратници на ДДВ-то поради што и производната цена е повисока. Но, сега се надеваме дека нашиот производ ќе биде околу 13 отсто поевтин со што ќе ги зголемиме конкурентноста и продуктивноста, нагласи Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
И производителите сметаат дека предвидените пет отсто ДДВ ќе бидат слаб мотив за сивата економија која, велат, ќе се намали за сметка на приливот на средства во Буџетот.
- Повратниците на ДДВ ќе имаат големо олеснување зашто ќе имаат 13 отсто помало вложување за готовиот производ. Вкупните средства исто така ќе се намалат за 13 проценти, додаде Шаклев.
Веле Ристовски од земјоделската задруга „Единство“ од Челопек и производител на свежо свинско месо и сточна храна потенцира дека намалувањето на ДДВ сигурно ќе даде резултат. - Четири години се убедувавме и се согласивме дека по однос на живиот добиток и сточната храна треба да се направат корекции на ДДВ-то, истакна Ристовски.
Одговорајќи на новинарско прашање рече дека цената на месото би требало да се намали, но тоа, сепак, е пазарна работа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа