На Германија и треба рускиот гас

 

Неизвесната иднина за снабдувањето на Европа со руски гас преку украинскиот гасовод, како последица на актуелната криза, отвори нови перспективи за ширење на алтернативни мрежи. 

Јужен тек може да добие нов приоритет во снабдувањето на Европа со руски гас, а со силна поддршка на Германија и нејзините европски сојузници, наспроти обидите на Брисел овој проект да се маргинализира. На таков заклучок наведува состанокот на рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и шефот на рускиот енергетски џин Гаспром Алексеј Милер, минатиот понеделник во Санкт Петербург.

Како повод за состанокот на Путин, Шредер и Милер, наведена е приватната прослава на 70 роденден на поранешниот шеф на германската влада. Меѓутоа, постојат елементи кои недвосмислено укажуваат на друг карактер на состанокот.

Имено, Шредер го прослави роденденот на 7 април, кога и Социјалдемократската партија на Германија со свечен акт во Берлин го одбележа роденденот на поранешниот шеф. Од друга страна, тешко може да се објасни како претседателот на Русија најде време за роденденската журка на Шредер, приредена во Санкт Петербург, да допатува од Москва во поранешната царска претсолнина на Нева – на сред украинската криза која односите на Исток и Запад ги сведе на најниско ниво од ерата на студената војна.

Покрај тоа, Путин отиде во Санкт Петербург непосредно по одлуката на САД и ЕУ за заострување на санкциите на Русија поради наводната поддршка на сепаратистите на истокот на Украина.

Изворите во кулоарите на Бундестагот и парламентот во Виена, укажуваат дека состанокот во Санкт Петербург треба да се гледа во светло на претходните, но и најавени настани. По минатонеделниот полски предлог членките на ЕУ да договорат заедничка стратегија во снабдувањето со руски гас и пред соопштението од Брисел дека состанокот на таа тема е во подготовка, во Виена се состанаа генералниот директор на австрискиот мултинационален енергетски концерн ОМВ Герхард Ројс и првиот човек на Гаспром Алексеј Милер. Двајцата капетани на енергетиката, како што имаат титула Милер и Ројс во австриските медиуми, го разгледувале развојот на енергетската состојба во светло на политичката криза во Украина и дошле до заклучок дека мора да се развијат алтернативни гасоводи, со кои би се спречил евентуален недостиг, ако гасоводот кој води низ Украина не би можел да се користи во полн обем.

Во прес-службата на концернот ОМВ укажано е дека иден главен правец за снабдување може да стане Северен тек, под Балтичкото море, преку кој Русија ја снабдува Германија со гас, а чии капацитети само во дел се околу 30 отсто искористени. – Во наредниот чекор вишокот на гас би бил проследен до Австрија преку германскиот национален гасовод Опал, за да се задоволат потребите на алпската република и германскиот југ.

На забелешката на Политика, дека е нелогично и економски неисплатливо Германија преку своја мрежа да ја снабдува Австрија, па преку гасоводната крстосница во Баумгартен кај Виена гасот да биде враќан во јужна Германија, предочено е дека тој план се однесува на т.н. ад хок мерка, а во подолг временски период подобра алтернатива би била Јужен тек.

Според ставот на енергетските експерти, иницијативата на Австијците и Шредер се сведува на обид, на Германија и на нејзините средноевропски сојузници да се обезбеди снабдување на гас од два правци – од север и југ, наместо украинскиот тек да биде главна насока за снабдување. Во согласност со тоа, состанокот во Виена претставувал прв чекор, разгледување на можностите пред роденденската журка во Сант Петербург. А ако се земе предвид дека меѓу поканетите се појавил и премиерот на германската покраина Мекленбург – Предна Померанија, Ервин Селеринг, приватниот карактер на прославата добива (полу)официјален облик, па веќе се шпекулира со можноста за подготовка на договор за ставот кој Германија со нејзините најблиски сојузници Австрија, Холандија, скандинавските земји, ќе го заземе по повод најавените разговори на ниво на ЕУ за заедничката стратегија за енергетско снабдување на европската 28-ка.

Шефот на владата на германската покраина на нај истурената граница кон исток Селеринг,  објасни за што се работи: - Колегите од ЦДУ лидерската партија во владејачката коалиција – демохристијаните на канцеларката Ангела Меркел, ме советуваа да го одложам патувањето поради актуелната состојба. Меѓутоа, ние од СПД немаме намера да ги ставиме добрите односи на коцка, поради моменталните политички тензии.

Добрите односи меѓу Берлин и Москва во Германија се дефинираат како успешна економско-политичка соработка која има предност над геополитичките интереси. Тој став не го делат само социјалдемократите на Шредер, туку и нај влијателното лоби внатре во владејачката партија на демохристијаните – Сојузот на германските индустријалци и стопанственици. Конечно, тој став го имаат и тие од чии гласови зависи опстанокот на владата – гласачите.

Германската јавност се погласно изразува нерасположение поради затегнатите односи меѓу Западот и Русија. Според објавените резултати од испитувањето на јавното мислење кое го спроведе нирнбершкиот огранок на американската глобална компанија ГфК, украинската криза го спречи растот на конјунктурата во Германија, бележан од средината на минатата година, додека индикаторите за штедењето укажаа дека заштедата во дел се пренасочува во приватни канали: - Довербата во економската стабилност се намалува, наспроти поволната состојба на пазарот на трудот и умерената инфлација – се истакнува во анализата на ГфК.

Дали се што е кажано значи дека германската поддршка на Украина се намалува? Еден од параметрите пред донесувањето на заклучок, би бил коментарот на Шпигел во кој Јакоб Аугштајн пишува дека стравот на Западот е неоснован, според кои Путин би можел да ја нападне Украина. – Путин чека Украина сама да се распадне. Ако украинскиот запад се сврти кон Западот, а истокот кон Русија, никој нема да биде оштетен, најмалку ние (Германија) – заклучи Аугштајн.

Друг параметар е сензационалното откритие на германските медиуми дека Украина преку Германија ја снабдува сириската опозиција со оружје. Цитирајќи ги наводите на разузнавачките и воено разузнавачките служби, медиумите предочија на Германците дека на Украина и недостасува дури и лесно наоружување, а дека притоа само во текот на 2011 година Украина во германските фабрики генерално прилагодила 54.000 калашникови, кои ги испратила на противниците на Асад

05.05.2014 - 10:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега