Петар Арсовски: Не верувам дека Црвенковски ќе формира нова партија
-Процесот на ребрендирање започнува, а не завршува со партиски конгрес, вели во интервјуто за Прес24, Арсовски, анализирајќи ја постизборната атмосвера во најголемата опозициска партија.
-СДСМ мора да пристапи кон суштинска редефиниција на својот политички производ, својот пристап, наратив, платформа, стратегија, па ако сакате и политички менаџмент. Тој процес секогаш е тежок, особено ако не го поддржува целата партија, и оттаму, сметам дека повеќето промени во пристапот кон политичката стратегија на СДСМ во последните две години барем делумно се должат на интерната дилема на партијата помеѓу повеќе стратешки оски: отпор или конструктивност, институционално или вонинституционално делување, понуда или критика, итн. Затоа мислам дека конгресот отвора можност за создавање автохтон, суверен наратив и пристап од страна на Заев и Шеќеринска, и дека за оценка на тоа дали тој наратив е сличен или различен од претходниот треба да почекаме да го создадат и понудат, па дури потоа да го оценуваме, вели за Прес24, Арсовски.
Наспроти оценките на некои аналитичари дека судирот Заев-Црвенковски е фингиран, Арсовски вели дека нема таков впечаток, имајќи ги предвид релативно острите тонови на јавната дебата пред и за време на конгресот.
-Стево Пендаровски може да има значајна политичка кариера во СДСМ, ако тој тоа го посака. Неговиот изборен резултат му гарантира дека било кое раководство на СДСМ без проблем би сакало да продолжи со него да соработува, во било која форма, вели политичкиот аналитичар Арсовски, потенцирајќи дека не верува оти Црвенковски би можел да формира нова партија.
За потегот на Заев да го бојкотира Парламентот, оценува дека таа одлука може да биде и негативна, но истовреме да изнуди подобрување на целиот изборен амбиент.
-Победата на ВМРО ДПМНЕ не е спорна, но ако се има предвид извештајот на ОБСЕ и ОДИХР, кој прв пат по повеќе години ја заменува оценката “фер и демократски” со “ефикасно спроведени”, се прашувам дали цената за таа победа е можеби превисока, вели за Прес24, Петар Арсовски
ПРЕС24: Како и што и се очекуваше, Зоран Заев и Радмила Шекеринска остануваат да ја водат СДСМ. Убедливо мнозинство делегати на конгресот застанаа на нивна страна. Што ќе значи ова за СДСМ?
АРСОВСКИ: Мислам дека е прерано да се прогнозира било што веднаш после партискиот конгрес. Во најмала рака, овој исход на конгресот ќе остави простор СДСМ да состави некаков конзистентен наратив, стратегија и тактики за политички настап. По конгресот, партијата секако ќе има можност да се консолидира околу некаква единствена стратегија, без дополнителни внатреши поделби. Ќе повторам: колку и да звучи парадоксално, успехот на таквата стратегија ќе зависи и од победниците, но и од оние кои на конгресот “изгубија”. Доколку СДСМ го задржи или го зајакне единството и покрај разликите во пристапот искажани на конгресот, тие ќе можат да ја зајакнат својата позиција. Дилемите околу пристапот и идеолошките разлики, кои кулминираа на конгресот, нема да бидат на товар на партијата доколку после конгресот раководството може да смета на целиот партиски капацитет.
ПРЕС24: Во интервју исто така за Прес24 минатата година по локалните избори, рековте дека на СДСМ му е неопходно ребреднирање по примерот на ВМРО-ДПМНЕ. Дали овој 18 конгрес на СДСМ е тоа ребрендирање?
АРСОВСКИ: Јас се уште мислам дека на СДСМ му е неопходно да го комплетира своето ребрендирање, и партискиот конгрес го сметам за дел од таков проект. Ако ги споредуваме овие два процеса (“Панорамата” на ВМРО ДПМНЕ и 18-тиот конгрес на СДСМ), ќе забележиме дека има повеќе сличности. Во двата случаја делегатите на конгрес избраа ново раководство наспроти “старите кадри”. Двата конгреса поминаа во тензична атмосфера и со релативно остра јавна дебата. ВМРО ДПМНЕ ја смени бојата од црвена во портокалова, СДСМ ја смени од сина во виолетова. Ваквите конгреси, по правило, имаат катартичен ефект во партијата, и овозможуваат консолидиран, нов пристап. Но, процесот на ребрендирање започнува, а не завршува со партиски конгрес, така што за резултатите треба да се почека. Сепак е тоа комплексен и долгорочен проект, во кој има повеќе елементи, а СДСМ се наоѓа на почеток на неговата имлементација.
ПРЕС24: Тогаш исто така рековте дека на партијата и е потребна една нова политичка платформа, една нова политика. Ако се анализра политиката што ова раководсатво ја спроведува, многу лесно може да се заклучи дека таа не се разликува во ништо во основата од политиката што ја имаше СДСМ и под водство на Бранко Црвенковски. Моето прашање е колку реално може да зборуваме за отворен судир во СДСМ, а колку за обид за фингиран судир на релација Црвенковски-Заев?
АРСОВСКИ: Тука има повеќе прашања (, еве едно по едно: се уште сметам дека СДСМ мора да пристапи кон суштинска редефиниција на својот политички производ, својот пристап, наратив, платформа, стратегија, па ако сакате и политички менаџмент. Тој процес секогаш е тежок, особено ако не го поддржува целата партија, и оттаму, сметам дека повеќето промени во пристапот кон политичката стратегија на СДСМ во последните две години барем делумно се должат на интерната дилема на партијата помеѓу повеќе стратешки оски: отпор или конструктивност, институционално или вонинституционално делување, понуда или критика, итн. Затоа мислам дека конгресот отвора можност за создавање автохтон, суверен наратив и пристап од страна на Заев и Шеќеринска, и дека за оценка на тоа дали тој наратив е сличен или различен од претходниот треба да почекаме да го создадат и понудат, па дури потоа да го оценуваме. Што се однесува за дилемата реален или фингиран судир, јас немам впечаток дека судирот е фингиран, имајќи ги предвид релативно острите тонови на јавната дебата пред и за време на конгресот. Инаку, истата дилема постоеше и по конгресот на кој Груевски го победи Георгиевски, само да ве потсетам, тогаш СДСМ имаше цела кампања “Никола тргни ја маската да го видиме Љубчо”. Мислам дека сепак партијата се наоѓа на почеток на процесот на ребрендирање, и дека конечна оценка за успехот на тој процес, па и за неговата автентичност, ќе може да се направи откако тој ќе добие некој поконкретен политички наратив.
ПРЕС24: Она што е неспорно е дека кај Заев има голема доза на сомнеж и недоверба кај одредени лица од поранешното раководство на партијата, исто и во обратна релација, но сепак, не е ли тоа повеќе судир на суети, отколку реален судир на концеоти?
АРСОВСКИ: Во политиката, суетите и концептите се во брак. Јас не сум сретнал политичар кој не смета дека неговите лични концепти не се најдобри, и кој благонаклоно гледа на критика или на несогласување. Сакам да кажам, не е ни најважно дали недостатокот на единство во СДСМ, дали од страна на Заев додека Црвенковски беше лидер, или од Црвенковски сега кога Заев е лидер, е производ на интимно или принципиелно несогласување, тој сепак ја блокира партијата во имплементација на било која стратегија. Затоа мислам дека е добро што партијата помина низ овој процес во кој се определи да даде доверба на еден пристап, бидејќи било која стратегија е подобра од недостаток на стратегија. Сега тоа сепак остава можност за целосна автономија, но и целосна одговорност.
ПРЕС24: Ако не е обид за фингиран судир, дали ова значи конечен пораз на Црвенковски?
АРСОВСКИ: Мислам дека не е коректно во оваа ситуација однапред да се расфрламе со термини како конечен пораз или победа. Нема простор за такво етикетирање, и мислам дека СДСМ има доволно проблеми и работа која ги очекува за сега да смеат да си дозволат било каков триумфализам. Мислам дека делегатите на конгресот на СДСМ одбраа конкретна стратегија и раководство, и дадоа порака дека сакаат да се обидат со некаков нов пристап, но тоа само по себе не значи дека се откажале од било кого, особено Црвенковски. Самиот Заев на конгресот рече дека очекува и посакува поддршка и помош од Црвенковски.
ПРЕС24: Ако се види бројот на гласови што на овој конгрес ги доби Заев од делегатите, тие во многу не се разликуваа од оние од претходниот конгрес. Тоа веројатно покажува дека Заев има сигурни луѓе во Конгресот. Тоа веројатно го знае и Црвенковски. Во таква ситуација, колку беше логичен повикот на Црвенковски за смеа на Заев?
АРСОВСКИ: Факт е дека Заев на 18-тиот конгрес освои не исто, туку повеќе гласови одошто оние со кои првично доби доверба да ја води партијата. Тоа е јасна и чиста позиција која овозможува дополнителна автономија во понатамошното политичко делување. Нормално е кога една партија поминува процес на редефинирање и евалуација на својата стратегија, да има дебата околу различни пристапи, која иако во јавноста изгледа остра, сепак претставува можност за искрена размена на мислења. Лошо би било доколку несогласувањата не завршат на конгресот туку продолжат понатаму, тоа би ги намалило шансите на СДСМ за успех кај гласачите.
ПРЕС24: Што понатаму, дали е реално да се очекува формирање нова политичка партија од неговите привразаници, по примерот на Георгиевски и ВМРО-НП?
АРСОВСКИ: Лично мислам дека шансите за тоа се минимални. Од двете најголеми партии во Македонија, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, во повеќе наврати се одвојуваа незадоволници: ВМРО НП, ВМРО вистинска, НСДП, ГРОМ, АПМ. Сепак, изборните резултати покажуваат дека малите партии не успеваат да соберат критична маса да бидат значаен политички фактор, и заради тоа мислам дека таква стратегија не треба да се очекува, барем не во скоро време.
ПРЕС24: Многумина оценуваат дека во оваа состојба, Стево Пендаровски, чиј резултат не е за потценување, отиде колатерална штета. Се согласувате со таква констатација, или пак нему може да му претстои некаква соработка со Заев, по она јавно прокламирање од страна на Црвенковски како можен наследник на Заев?
АРСОВСКИ: Мислам дека Стево Пендаровски може да има значајна политичка кариера во СДСМ, ако тој тоа го посака. Неговиот изборен резултат му гарантира дека било кое раководство на СДСМ без проблем би сакало да продолжи со него да соработува, во било која форма.
ПРЕС24: Овој конгрес на СДСМ ја потврди и одлуката на партијата за непризнавање на изборните резултати и враќање на мандатите. Колку оваа одлука е исправен чекор на раководството на СДСМ?
АРСОВСКИ: Тоа само времето ќе го покаже. Од една страна, нивната отсутност од парламентот претставува извесен хендикеп за политичкото делување, но од друга страна, таквиот потег може да изнуди подобрување на целиот изборен амбиент, кој не е фер.
ПРЕС24: Очигледно е дека барањето нови избори и техничка влада нема поддршка во општеството во Македонија, но што е уште поважно нема поддршка ниту во меѓународната заедница. Не е ли таа одлука влез во една хазардска полтика на СДСМ?
АРСОВСКИ: СДСМ повеќе пати беше пред одлука да не учествува во изборниот процес, кој го сметаат за недемократски. Таква одлука еднаш донесе и ВМРО ДПМНЕ, во првиот состав на македонскиот парламент. Таква одлука за неучество донесе и ДУИ, кога се состави влада со малцинската албанска партија. Се разбира дека таквите одлуки и потези претставуваат извесен стрес за стабилноста на системот, но не можам однапред да ги квалификувам како хазардерски, доколку од нив произлезе било каква позитивна реформа во политичкиот систем или узансите на демократскиот процес.
ПРЕС24: Како Вие ги оценувате изборните резултати од парламентарните и претседателските избори?
АРСОВСКИ: ВМРО ДПМНЕ се уште ја има победничката формула. Мислам дека резултатите на изборите дефинитивно ја расчистија дилемата околу малите партии, и барем на краток рок, не можем да очекуваме некаков “трет пат”. Дополнително, резултатите потврдија дека опозицијата мора да направи суштинска реформа на својата политичка стратегија, ако сака да се надева на изборен успех.
ПРЕС24: Заев зборува за системска кражба на гласови. Колку е реално да се верува дека власта може да фингира ваков резултат, ако и самиот Заев тврди дека реалноста на терен покажува дека ВМРО-ДПМНЕ е во предност, но не повеќе од 40-тина илјади гласа, како што вели самиот лидер на СДСМ?
АРСОВСКИ: Мислам дека вистината е некаде на средина. Факт е дека ВМРО ДПМНЕ победи и се уште има предност пред СДСМ. Истовремено, големиот број изборни нерегуларности, како и целиот политички амбиент, не овозможуваат фер натпревар. Без попис, чист избирачки список, целосно одвојување на државата и партиите, јасна граница помеѓу владина реклама и влијание врз уредувачката политика на медиумите, и уште многу други предуслови, нема фер избори. Победата на ВМРО ДПМНЕ не е спорна, но ако се има предвид извештајот на ОБСЕ и ОДИХР, кој прв пат по повеќе години ја заменува оценката “фер и демократски” со “ефикасно спроведени”, се прашувам дали цената за таа победа е можеби превисока.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа