МВР: Приведени 27 лица во Ѓорче - нема пријави за повредени
Привршуваат протестите во Ѓорче Петров иницирани по вчерашното убиство на 19 годишниот Ангел Петковски. МВР вечерва информираше дека од протестите досега немаат добиено ниту една пријава за повредени лица.
-Останати се неколку помали групи од 5 до 10 лица кои се движат низ населбата. Нема нарушувања на јавниот ред и мир, ниту поголеми собирања. Информациите од штабот на МВР кој беше формиран за протестите говорат дека тие поминале без посериозни инциденти и без поголеми нарушувања на ЈРМ, информираше помошник министерот за односи со јавност во МВР, Иво Котевски
Тој нагласи дека кај нив до сега нема пријава за повредени во ниту една болница, ниту пак пријава за посериозна штета. Во протестите кои започнаа по 17 часот, приведени се 27 лица од кои 16 во полцииската станица Кисела Вода, а 11 во Карпош.
Станува збор за главно млади лица на возраст од 15 до 18 години, членови на разни навивачки групи, а дел од нив биле со фантомки на главата и се однесувале поагресивно.
Според досегашните информации на полицијата, на помали повреди се пожалиле неколку полициски службеници кои ги обезбедувале протестите, а оштетени се и неколку полициски возила.
Котевски апелираше граѓаните да не подлегнуваат на провокации и да се однесуваат смирено, а медиумите да не објавуваат неточни и непроверени информации кои можат да предизвикаат голема штета.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа