Нов обид на Уставен суд да избере претседател
Во Уставниот суд денеска треба да се одржи продолжение на седницата за избор на нов претседател на Судот.
Ова ќе биде седми обид на членовите на Уставниот суд, откако пропаднаа шест обиди во претходните две продолженија на седницата да се избере претседател. На седницата во четвртокот и на продолжението во петокот, судиите во шест наврати бираа меѓу кандидатките Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева, но ниту една од нив не го доби потребното мнозинство.
Новиот претседател на Уставен треба да ја замени досегашната претседателка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истече во неделата, на 2 јуни.
Според Деловникот, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.
Покрај Кацарска, актуелни судии во Уставен суд од кои некој ќе ја преземе претседателската функција се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.
Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.
Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите.
Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.
Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа