Новата анкета покажа дека довербата за Трамп е поголема отколку за Бајден
Доналд Трамп има предност пред демократскиот претседател Џо Бајден за шест процентни поени, покажува најновата анкета на Ипсос, која исто така покажува дека мнозинството Американци не сакаат нова изборна трка меѓу поранешниот и сегашниот претседател, која по победата на Трамп во Прелиминарните избори во Њу Хемпшир изгледаат веројатни.
Во истражувањето на 1.250 возрасни ширум САД, Трамп добил поддршка од 40 отсто од гласачите, а Бајден 34 отсто. Останатите се уште не одлучиле за кого ќе гласаат или дали воопшто ќе излезат на избори. Маргината на грешка е три процентни поени. Во претходната анкета од почетокот на месецот Трамп и Бајден беа изедначени.
Последната анкета на Ипсос, исто така, покажала дека околу 67 отсто од испитаниците не би сакале повторно да ги видат истите двајца кандидати во претседателската трка, дека се „заситени“ и од Трамп и од Бајден и дека би сакале да видат нови лица.
Сепак, само 18 отсто од нив изјавиле дека воопшто нема да гласаат доколку нивниот избор се сведе на Бајден и Трамп.
Водството на Трамп од шест процентни поени било задржано дури и откако на испитаниците им биле понудени другите кандидати. Трамп собрал поддршка од 36 отсто од гласачите, Бајден 30 отсто и Роберт Кенеди Џуниор осум проценти. Во истражувањето, 70 отсто од испитаниците, од кои половината се демократи, се согласиле со изјавата дека Бајден не треба да се кандидира за втор мандат. 56 отсто од нив, од кои една третина се републиканци, ова го кажале за Трамп.
Три четвртини од испитаниците веруваат дека Бајден е премногу стар за да ја извршува функцијата претседател. Половина од испитаниците го мислат истото за Трамп.
„Мнозинството Американци не сакаат реванш меѓу Бајден и Трамп. Првата партија што ќе го повлече својот 80-годишен кандидат ќе победи на изборите“, смета Ники Хејли, противкандидатката на Трамп на прелиминарните избори на Републиканската партија.
Но, анкетата покажува огромна предност на Трамп пред Хејли, 64 наспроти 19 проценти. Двајцата ќе се соочат еден со друг во трката за републиканска номинација на 24 февруари во Јужна Каролина. Хејли беше гувернер на таа држава од 2011 до 2017 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа