Пакистан прогласи вонредна состојба поради загадениот воздух
Пакистанските власти денеска воведоа „вонредна состојба“ во вториот најнаселен град во земјата Лахоре и другите соседни североисточни области, прогласувајќи за неработни три дена неделно поради смогот што го зголеми индексот на квалитетот на воздухот на 400.
Привремениот главен министер на североисточната провинција Пенџаб, Мохсин Накви, рече дека од недела канцелариите, училиштата, колеџите, кината, парковите и другите јавни места ќе останат затворени во петок и сабота до следна одлука.
Пазарите ќе бидат затворени во сабота и недела.
„Поради зголемениот смог, владата воведува здравствена вонредна состојба во областите Лахоре, Гујранвала, Хафизабад и Нанкана Сахиб додека не се подобри сегашната ситуација“, рече главниот министер.
Тој изјави дека управата е веќе во состојба на готовност и има задача да ги забрза акциите против палењето на земјоделските површини и другите фактори кои придонесуваат за појава на смог.
Обвиен со слоеви токсичен смог, Лахоре, дом на речиси 14 милиони луѓе, моментално е меѓу најзагадените градови во светот, заедно со Њу Делхи и Дака.
Накви за зголемувањето на смогот ги обвини ветровите од соседна Индија, кои носат чад и други загадувачи, главно од палењето на обработливо земјиште од страна на земјоделците во индиски Пенџаб.
Локалните метеоролози велат дека чадот и другите загадувачи влегле во Лахоре од Џаландхар во индискиот Пенџаб, каде што земјоделците ги палат остатоците од земјоделските култури за сезоната на сеидба секоја година на почетокот на ноември.
Комбинацијата од смог и чад кај стотина луѓе предизвика болки во грлото и чешање на очите, а лекарите ги повикуваат жителите да пијат повеќе течности и да останат во затворени простории за да избегнат респираторни проблеми
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа