Петрушевски: Нема да дозволиме политичка злоупотреба на трагедијата во Кочани

 


Сериозноста бара одговорност, но не и манипулации со трагедијата, изјави на прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски, додавајќи дека Социјалдемократскиот сојуз се служи со подмолни политички калкулации кога зборува за трагедијата во Кочани.

Според владејачката партија, прашањата кои ги поставува опозициската партија, се дел од активна истрага предводена од институции што работат со целиот капацитет и со огромна свесност за големиот интерес на јавноста и општеството за брзи, но праведни резултати.

Сепак, како што рече, ценејќи ја јавноста и настојувајќи по секоја цена да го оттргнат и најмалиот сомнеж, јасно истакнуват дека Владата и органите за истрага од првиот момент реагираа – има веќе голем број на приведени лица, а истрагата продолжува со несмален интензитет. И тоа, за разлика од минатото, со обиди за откривање на целосната вистината, а не со алиби-објаснувања за „кабли“ и „шасии“ како главни виновници за трагедиите што во минатото ни се случуваа“.

„СДС прашува: ‘Зошто не се притворени началници, командири, инспектори?’. Ова не е судење со толпа. Правдата не е циркус, туку процес. Притвор се одредува со докази и правни основи, а не со притисоци од партиски штабови. Главната дилема е – зошто истото судство, истото обвинителство, создадено во времето на СДС и ДУИ, денес работи со поголема посветеност? Одговорот е јасен: Затоа што Владата денес не се обидува да сокрие, туку да расчисти. Не се издаваат наредби по телефон, не се читаат имиња од тефтерчиња и не се прикриваат трагедии со смешни извештаи“, рече Петрушевски.

Додаде дека за време на трагедиите со Беса транс, Ласкарци, модуларната болница – немаше ниту еден притворен функционер, ниту едно поднесено обвинение. Виновни беа „каблите“, „возачите“, „времето“ – и никогаш системот. Затоа што системот беше под заштита на Заев и Ахмети. Вели дека опозицијата сега говори за „селективна правда“, но токму тие се симболот на таа селективност.

Не можат да го извадат народот на улица со лаги, затоа што народот добро памети.

Петрушевски апелира до јавноста дека ова не е битка помеѓу партии, туку е битка за правда и институциите ќе ја истераат до крај со одговорност, и индивидуална и институционална. Но, нема да има дозвола за манипулација, за злоупотреба на жртвите, и за ново сценарио за дестабилизација во момент кога државата се обидува да застане на нозе.

ВМРО-ДПМНЕ повикува Јавното обвинителство со сериозност да ги земе предвид сите укажувања на јавноста и медиумите, и секаде каде што постојат реални аргументи и докази за инкриминираност и евентуална одговорност – без разлика на личноста, функцијата или партиската припадност – да постапи соодветно, брзо и во согласност со законот.

24.03.2025 - 14:35

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега