По нападите, ЕК се правда: Не ве излажавме дека Фон дер Лајен има пневмонија
Европската комисија негираше дека се обидела да ја прикрие здравствената состојба на претседателката Урсула фон дер Лајен, која беше хоспитализирана поради тешка пневмонија, пренесува Радио Слободна Европа.
Фон дер Лајен (66) во септември го започна својот втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија.
На 3 јануари, комисијата изјави дека Фон дер Лајен има „тешка пневмонија“ и дека нејзините активности во следните две недели се откажани.
Детали за нејзината состојба или како се разболе не се објавени, иако германската новинска агенција dpa подоцна објави дека таа била примена во болница. Ова, според написите покрена прашања за транспарентноста во моќната извршна власт на ЕУ.
На прашањето на новинарите зошто се сокриени вестите за нејзината хоспитализација, портпаролката на Европската комисија Пола Пињо изјави: „Рековме дека претседателката има тешка пневмонија“.
Пињо рече дека медиумите биле информирани дека Фон дер Лајен ги откажала своите состаноци на почетокот на јануари, но дека добила важни телефонски повици, вклучително и од италијанската премиерка Џорџа Мелони и дека можела да ги извршува своите должности.
„Затоа ви дадовме критични информации за здравствената состојба на претседателката, кажувајќи каква болест има и колку е сериозна“, рече Пињо одговарајќи на новинарски прашања, без да објасни зошто се сокриени детали за болницата. „Нејзината способност да дејствува никогаш не била доведена во прашање“.
Пињо рече дека претседателката „добро закрепнува“ и дека кон крајот на оваа недела треба да се врати во Брисел во својата канцеларија во Комисијата.
Според написите на медиумите во светот, Фон дер Лајен обично има напорен распоред на патувањата. Таа следната недела треба да присуствува на седницата на Европскиот парламент во Стразбур, Франција и ќе оди на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа