Прележавте омикрон и сè уште имате болки во грбот? Д-р Шафле објаснува кои се причините за тоа

 

Познат е фактот дека мијалгија се јавува по вирусните инфекции, па ниту инфекцијата со коронавирусот не е исклучок.

Откако првпат во ноември 2021 година беше откриен омикрон сојот на коронавирусот, истиот се прошири со голема брзина низ целиот свет.

Иако, според досега познатите информации, омикрон сојот е со поблага клиничка слика, многу од пациентите кои прележале омикрон сој се жалат на болки во телото, најчесто во грбот, како и на недостаток на енергија.

Д-р Харис Шафле, консултант во болницата Глобал во Индија, објаснил потенцијални причини поради кои се појавуваат болките во грбот во текот на закрепнувањето од заразата со омикрон сојот.

„Познат е фактот дека мијалгија се појавува кај вирусните инфекции, па ниту коронавирусот не е исклучок“, вели д-р Шафле.

„Но, забележуваме дека пријавени се повеќе случаи на болки во грбот поради омикрон сојот, дури и по закрепнувањето од инфекцијата, а пациентите тоа го опишуваат како слабост. Меѓутоа, поради тоа што податоците за омикрон се ограничени и секвенцирањето е скапо, причината е тешко да се објасни. Можно е поради инфламаторните медијатори оваа варијанта да предизвикува мијалгија повеќе од претходните варијанти на коронавирусот“.

Мијалгија ја карактеризираат болки во мускулите, а понекогаш истите се проследени со грчеви, како и болки во зглобовите.

„Други причини на ненадејна болка во грбот по прележан Ковид-19 може да бидат ефект од омикрон на мускулно-скелетниот систем“, објаснува д-р Шафле.

Според неговите зборови, личноста која прележала омикрон сој треба да избегнува поголеми физички напори за да спречи мијалгија по закрепнувањето.

„Постковид синдромот е реален и важно е на телото да му дадете доволно време да закрепне. Продолжете со внесување на поголема количина на течности затоа што тоа му е потребно на организмот во фазата на закрепнување. Доколку мијалгијата е неподнослива може да консумирате лекови против болки, но исклучиво во договор со вашиот доктор. Исто така редовни вежби за истегнување можат да помогнат во ублажување на болките во грбот“.

Постојат неколку други симптоми кои можат да потраат по прележување на омикрон сојот, а британски „The Sun“ издвојува 10:

- Слабост во мускулите и вкочанетост на зглобовите;

- Екстремен умор и недостаток на енергија;

- Намалена подвижност;

- Губење на здивот;

- Собирање на слуз;

- Слаба физичка подготвеност;

- Губење на апетитот и намалување на телесната тежина;

- Недостаток на сетилото за мирис и вкус;

- Проблеми со стомакот, вклучувајќи и дијареја и повраќање;

- Тешкотии при голтање.

Од друга страна, некои од луѓето доживуваат ментални и емоционални последици од Ковид-19 кои вклучуваат проблеми со спиењето, мозочна магла, нагли промени во расположението, депресија или анксиозност, кошмари, конфузија.

26.01.2022 - 17:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега