Ристески: Ситуацијата со Онкологија е резултат на пропустите на министерството предводено од СДС

 

На денешната панел дискусија на темата „Моќта на лековите, живот или профит?“, присуствуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески кој се осврна на прашањето зошто не биле навремено спроведени редовни и вонредни инспекции на клиниката односно спроведувањето на законите од областа на здравството кои се должност на министерството за здравство.

Пратеникот Ристески истакна дека министерството свесно правело пропусти и дозволило суспендирање на контролните механизми, и објасни дека во сите тие години владеело хаос во кој воопшто не функционирал стручниот колегиум кој требало да врши планирање за набавка на лековите.

„Министерството направило огромен пропуст што е апсолутно тенденциозно во овој случај бидејќи покрај многуте пропусти основното во овој проблем на онкологија е тоа што министерството како орган кој што требало да врши надзор врз работата на клиниката дозволило суспендирање на сите контролни механизми. Во сите тие години кога владеел хаосот воопшто не функционирал стручен колегиум кој требало да врши планирање при набавката на лековите и требало да се состануваат лекарите од стручниот колегиум да утврдат каде има потреба да се дава оваа скапа биолошка терапија“, рече Ристески.

Ристески нагласи дека хаосот бил доведен до размери еден човек да одлучува кој ќе живее а кој не и наведе јасен пример за стручно медицинско лице кое и покрај прекршоците кои ги направила повторно била вратена на работа.

„Еден човек изигравал Бог на клиниката и тој утврдувал кој ќе живее а кој ќе умира и понатаму продолжил хаосот до невидени размери. Јас во една прилика додека работевме во комисијата кажав дека веќе почнал од чуварот хаосот па до министерот сите си нашле некој интерес каде што остварувале профити таму е и забележено кражба на медикаменти а лицето кај кого се затекнати украдени ампули, никогаш судски не се завршил тој процес, после 6 месеци истата медицинска сестра вратена на истото работно место и повторно го повторува делото и повторно никој не одговара“, концизен е Ристески.

Пратеникот објасни дека пациенти биле уценувани и рекетирани за примање на терапијата, и дека хаосот владеел во интерес на профит, кој завршувал во приватни џебови.

„Таму само се зголемувале долговите, хаосот се зголемувал лекови за пациентите се помалце и помалце и многу сведоштва на пациенти каде биле уценувани, рекетирани за да им биде аплицирана таа терапија, хаосот апсолутно владеел но се во интерес на профит во интерес на пари кои евидентно завршувале во приватните џебови“, дециден е Ристески.

26.01.2025 - 13:41

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега