Стапала, задниот дел од вратот – делови од телото кои веројатно ги миете неправилно

 

Кога станува збор за здравјето, хигиената е едно од најважните нешта, а пандемијата само ни го потврди тоа. Но, одвреме-навреме сите правиме некои грешки кога станува збор за личната хигиена.

На нашата кожа живеат илјадници бактерии и микроорганизми, а важно е да се напомене дека не сите се штетни за нас. Всушност, дел од нив дури и го поттикнуваат здравјето на некои делови на кожата.

Поради ова, некои делови од телото бараат потемелно миење, а некои не би требало да ги чистиме секојдневно, со цел да не ги уништиме корисните бактерии и микроорганизми.

Па, погледнете кои делови од телото најверојатно ги миете погрешно:

Стапала

Јасно е дека стапалата можат да бидат највалканиот дел од телото, па поради тоа треба да им обрнеме посебно внимание додека се бањаме.

Неретко луѓето не ги тријат и стапалата кога се тушираат, бидејќи мислат дека ќе се измијат сами од водата и шампонот што паѓаат надолу. Но, стапалата се потат лесно, можат да бидат одлична околина за развој на бактерии и ако не ги исчистите правилно, можете да си создадете многу проблеми, како појава на габи.

Дерматолозите препорачуваат темелно да ги чистите и стапалата со секое туширање, а добро би било да користите и камен за пети неколкупати неделно за да ја отстраните мртвата, тврда кожа.

Не заборавајте и темелно да го исчистите просторот помеѓу прстите, каде што можат да се соберат најмногу бактерии.

Задниот дел од вратот

Ова е уште еден дел од телото кој е лесно да го заборавите додека се бањате. Слично како стапалата, и задниот дел од вратот е област која лесно се поти, особено ако имате долга коса.

Сигурно претпоставувате дека ова го прави задниот дел од вратот совршено место за бактериите.

Па, не заборавајте добро да го истриете и вратот со секое туширање.

Очи

Немојте никогаш да ги миете очите со сапун или средство за лице, освен ако не е нагласено на самата амбалажа дека можете да го користите и за очи. Ако се шминкате, многу подобро е да набавите нежно средство за отстранување шминка, а потоа да ги измиете очите само со вода.

Исто така, немојте да ги триете очите со крпа, бидејќи можете да си предизвикате иритација. Наместо тоа, соберете го вишокот вода со нежно тапкање.

Областа под ноктите

Во текот на денот допираме сè и сешто, па под нашите нокти се кријат секакви бактерии. А, овие бактерии нема да ги отстраните само со миење раце. Односно, потрудете се барем еднаш дневно да ја исчистите и областа под ноктите.

Наједноставниот начин да го направите ова е со чепкалка за уши натопена со вода и сапун. Потоа само исплакнете со вода.

Раце и нозе

Нормално, дланките треба да ги измиете повеќепати во текот на денот, но нема потреба секојдневно да ги чистите целите раце. На овој дел од телото не се лачат многу масти, а претераното миење со сапун може да ја исуши кожата и да ги уништи „добрите“ бактерии.

Истото важи и за нозете – во лето добро би било да ги миете стапалата секојдневно, но за целите нозе е доволно само кога се туширате.

Измијте го телото откако ќе ставите маска за коса

Маската можеби ја прави вашата коса сјајна и мека, но може да предизвика многу проблеми со кожата на грбот, како акни или иритација.

За да го избегнете ова, најдобро е прво да ја измиете косата, да ставите маска, а потоа да ја соберете, па да го измиете телото со шампон и вода. На овој начин ќе ги отстраните остатоците од маската кои завршиле на грбот и телото.

24.12.2021 - 14:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега