„Стоп за насилството“ – протест на просветните работници во Србија: Иако министерот за образование поднесе оставка, нашите проблеми не исчезнаа

 

Пред Министерството за образование во Белград почна протестот на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија – НСПРС со слоганот „Стоп за насилството“.

„Не сакаме повеќе да пишуваме книги на жалост во училиштата“, рече на самиот почеток на протестот Никола Ќурчин, потпретседател на Синдикатот.

Средбата почна со едноминутен молк. Уште на почетокот се зборуваше дека иако министерот за образование Бранко Ружиќ поднел оставка, проблемите не исчезнале.

Претседателот на НСПРС, Душан Кокот, претходно денеска за „Н1“ изјави дека просветните работници, по трагедијата што се случи во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, повеќе не сакаат само козметички, туку суштински промени.

Кокот рече дека оставката на министерот за образование е чекор во вистинска насока, но дека не е доволна.

Синдикатот бара измени на Кривичниот законик и на Законот за основите на образовниот систем.

НСПРС во декември минатата година поднесе три барања до Министерството за образование, а ниту една од тие препораки не беше усвоена во предлог-измените на законот.

Предложените мерки, потсети Кокот, се воведување можност за суспендирање ученици што повторуваат лошо однесување, спречување на можноста за анонимни пријави до просветната инспекција бидејќи, како што наведе, биле злоупотребени со цел да се изврши притисок врз просветните работници.

Предвидено е учесниците на протестот да пешачат до зградата на владата на Србија, каде што исто така ќе ги достават своите барања.

Кокот рече и дека по средбата пред владата, учесниците на протестот ќе бидат повикани мирно да се прошетаат до основното училиште „Владислав Рибникар“ и „да ја изразат својата тага и болка поради она што се случи таму минатата недела“.

Во саботата рече дека испратиле писмо до другите синдикати на образованието да се приклучат на протестот, но немало одговор.

Вработените во образованието, членови на неколку синдикати, во четвртокот и петокот ја прекинаа работата во училиштата во Србија откога ученик (13) од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби осум ученици и обезбедувањето на тоа училиште, а повредени се уште шест ученици и наставник.

08.05.2023 - 18:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега