Судијка од Велес обвинета за фалсификување документи
Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против судијка од Основниот суд во Велес, двајца сопружници – сопственици на ланец аптеки и правното лице, кои се товарат за фалсификување службена исправа и за употреба на исправа со невистинита содржина.
За фалсификување на службената исправа како продолжено кривично дело е обвинета судијката која во текот на постапката беше и разрешена од судиската функција, додека управителката на ланецот аптеки и нејзиниот сопруг се обвинети за поттикнување при извршувањето на кривичното дело и за употреба на исправите со невистинита содржина.
Првообвинетата, постапувајќи во предмет во кој тужители се останатите обвинети, донела пресуда со која им го усвоила тужбеното барање и им утврдила право на сопственост на деловен простор и земјиште под зграда. Иако пресудата не била правосилна и извршна, а тужените навреме изјавиле жалби, судијката поттикната со умисла од сообвинетите, ја заверила со службен печат за правосилност и извршност со што свесно внела невистинит податок во службената исправа. Ваквата службена исправа со невистинита содржина таа ја дала на рака на управителката на правното лице, наместо преку судска достава.
Дополнително, како судија во вонпарнична постапка, обвинетата надвор од АКМИС системот за електронско управување со предметите во Судот, составила решение со кое на истите подносители им го усвоила предлогот за привремени мерки за обезбедување непарично побарување, со кое им овозможила на предметниот имот да впишат прибелешка во јавните книги со забрана за отуѓување и оптоварување. Потоа решила привремената мерка веднаш да биде извршна и примерок веднаш да биде доставен до Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение за катастар на недвижности Велес. Решението било со невистинита содржина во поглед на податоците за наводно одржаното рочиште, а документот спротивно на судскиот деловник било доставено само до предлагачот.
Со посебно решение, таа ја задолжила спротивната страна да ги надомести парничните трошоци на предлагачите во износ од 1.124.308 денари, повторно веднаш давајќи и својство на правосилност и извршност на исправата, иако знаела дека се исполнети законските услови за повлекување на привремената мерка со што парничните трошоци би паднале на товар на подносителот. И ова решение не го доставила до останатите странки во постапката, туку единствено до предлагачот, со што ги оневозможила да користат правен лек – жалба.
За да ги прикрие сите противправни дејствија во предметите, обвинетата судијка свесно ги уништила службените документи – повратници и не ги споила сите документи во списите на предметот.
Обвинетите сопственици ги употребиле ваквите исправи со невистинита содржина пред Агенцијата за катастар на недвижности за да внесат промени во имотните листови во корист на обвинетото правно лице. Со лажно прикажување факти од судските постапки тие нанеле значителна имотна штета на спротивната страна, а за себе прибавиле значителна имотна корист. Парничните трошоци за постапката ги наплатиле преку извршител, иако знаеле дека барањето за извршување им е засновано на исправа со невистинита содржина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа