„Ти го развиваше талентот на сопственото дете да убива“ – адвокатот на семејствата на жртвите за судењето на Кецмановиќ

Стефан Чорда, адвокатот на семејствата чиишто деца беа убиени во ОУ „Владислав Рибникар“ истакна дека не може да ги изнесе деталите за случајот од рочиштето на семејството Кечмановиќ, но оти сега првпат родителите го слушнале таткото Владимир како ја дава својата одбрана.

Адвокатот изјави дека деталите изнесени на судењето на родителите на момчето убиец укажуваат дека има целосно неразбирање на целиот случај.

Стефан Чорда наведува дека неговиот впечаток е дека негирањето на вината на Кечмановиќ е доказ за целосно неразбирање на случајот.

„Не смеам да ви ги дадам деталите за одбраната на Кецмановиќ, но ваквите работи што се изнесуваат се целосно неразбирање! Децата од 7 до 14 години се одговорни во однос на штетата за која се зборува, доколку се докаже дека се способни за расудување“ нагласува Чорда, пишува „Блиц.рс“.

Тој рече дека додека детето не стане полнолетно, за него се одговорни родителите.

Огњен Божовиќ, застапникот на родителите на оштетените на жртвите, по последното судење истакна дека однесувањето на Владимир Кечмановиќ останало непроменето од 3 мај. Тој се’ уште не ја прифаќа одговорноста за овој тажен случај, па дури и одбил да одговори на прашањата на адвокатот. Чорда наведува дека родителите на убиените деца се видно вознемирени.

„Родителите за прв пат сега го слушнаа Владимир Кецмановиќ како ја дава својата одбрана. Не можеле ни да го видат за време на истрагата. Сега го слушнаа, а тој остана на она што го кажа и додаде уште некои работи. Обвинетиот може да се брани и со лаги, а секако тие родители кога ќе слушнат повторно ќе бидат погодени. Јас лично се восхитував на силата на родителите на убиените деца кога го испрашуваа малолетниот убиец“, вели адвокатот Чорда.

Тој посочува дека тоа што сега се случува не е чудно, а дека сега ќе следи распит на мајката.

„ Ќе видиме и што според мене е круната на тие факти, дали малолетниот убиец ќе го искористи своето право на привилегиран сведок и дали ќе сведочи на суд или не. Тој е особено чувствителен сведок, ако го искористи своето право да не сведочи против татко му и мајка му, по закон може да го искористи и за другите обвинети. Ќе видиме што ќе добиеме на крајот од таа серија, таткото, мајката и тој“, вели Чорда.

Таткото е обвинет дека го однел детето да пука со огнено оружје, што не било соодветно за неговата возраст.

„Без разлика што се зборува сега дека бил талент… Па чекај, ти го развиваш кај своето дете талентот да биде убиец! Бев исклучително погоден од она што го кажа таткото. Може да се направи паралела каде имавме родители на 1-ви и 2-ри мај кои играле „Не се лути човече“ со нивните деца и ги подготвувале за скијање, а тој го однел синот да пука!“, вели Чорда.

Судот ќе го оценува и однесувањето на Кечмановиќ во судницата, што ќе влијае и на конечниот исход од процесот.

„Се следи однесувањето на обвинетиот пред судот. Тоа е еден факт што влијае дали ќе има олеснителна казна“, објаснува Чорда за „Прва ТВ“.

Како што објасни адвокатот, родителите на момчето убиец од ОУ „Владислав Рибникар“ не можат да одговараат за убиство од небрежност, како што беше случајот во Америка, бидејќи тука нема обвинет за убиство.

„Мајката и таткото не се директни извршители на делото. Убиецот во овој случај е некој кој не е одговорен. Ако тој е кривично одговорен, тогаш според нашиот закон може да се зборува за соучесништво, соизвршување итн. Меѓутоа, бидејќи нема обвинет за убиство, тие не можат да одговараат за убиство од небрежност“, објаснува Чорда.

 
03.03.2024 - 14:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега