„Тоа денес сите го прават, а неа ја напаѓаат толку многу“: Трамп во одбрана на принцезата Кејт, кој беше обвинет за иста ваква работа
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп рече дека спорот што се појави во врска со изменетите фотографии на принцезата од Велс „не треба да биде голема работа“ бидејќи „секој си ги менува“ своите фотографии денес, а во исто време ја повика јавноста да престане да ја критикува Кејт.
„Дејли телеграф“ наведува дека Трамп со тоа се вклучил во дебатата за фотографијата на британската принцеза со нејзините деца по чие објавување таа објави извинување за компјутерски изменетата слика.
Трамп ова го изјави во интервјуто што му го даде на Најџел Фараж, водителот на британската ТВ-станица GB News и поранешен лидер на партијата Брегзит, кој е еден од неговите сојузници во Европа.
Во истото интервју републиканскиот претседателски кандидат го обвини Џо Бајден, идниот демократски ривал и актуелен претседател на САД, дека дозволил 15 милиони луѓе да влезат во Америка вклучувајќи ги и оние што „доаѓаат од затвори, ментални институции и лудници“.
Зборувајќи за изменетата фотографија на принцезата Кејт, Трамп рече дека „сите го прават тоа денес“.
„Кога ги гледаш актерите во филмови, а потоа го запознаваш тој актер, се прашуваш: „Дали е тоа истата личност од фотографијата“?, рече Трамп.
„Дејли телеграф“ потсетува дека тој беше обвинет оти побарал од владини претставници да отсечат фотографија од толпата за време на инаугурацијата на американскиот претседател во 2017 година.
Трамп наводно бил фрустриран што повеќе луѓе биле фотографирани на претходната инаугурација на демократскиот претседател Барак Обама.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа