УНХЦР: Измените на Законот за матична евиденција го трасираат патот за искоренување на бездржавјанството во Северна Македонија

 

УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН, го поздравува денешното усвојување на измените на Законот за матична евиденција од страна на Собранието. Овие измени овозможуваат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, како и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.

„Секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители“ стои во еден од членовите на Законот за матична евиденција и праќа јасна порака за целта на измените.

„Ова водство за пример покажано од Собранието на Република Северна Македонија е најновиот чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството, вклучувајќи ја и таа со која Министерството за внатрешни работи им додели државјанство на 290 лица без државјанство. УНХЦР ќе ги поддржува институциите да ги спроведуваат законските одредби и тесно да соработуваат со разни чинители за да се спречат нови случаи на бездржавјанство,“ изјави Претставничката на УНХЦР, Моника Сандри.

Денешното донесување на измените на Законот за матична евиденција е важен чекор кон остварувањето на меѓународните обврски на државата. Овој напор на целото општество го трасира патот на државата да стане првата држава во Европа и втората во светот која ќе го искорени бездржавјанството. Се надеваме дека ќе сведочиме слично заедништво и солидарност на Глобалниот форум за бегалци што ќе се одржи во декември.

Законските измени беа можни благодарение на заедничките напори од државните власти, граѓанското општество, медиумите, ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ, Советот на Европа, агенциите на ОН и други кои работат заедно како дел од глобалната кампања #ЈасПрипаѓам (#IBelong) за да се стави крај на бездржавјанството до 2024 година.

14.06.2023 - 17:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега