Мицкоски: Во претседателот Ердоган гледам голем поддржувач и пријател
Турција е државата со која имаме многу заеднички елементи во културата, традицијата, заеднички интереси и одлични односи на македонскиот и турскиот народ, на македонските граѓани и на турските граѓани, истакна премиерот Христијан Мицкоски, за време на својата прва официјална посета на Турција.
Премиерот ги потврди добрите односи меѓу двата народа. Рече дека кај нас турската заедница е лојален дел од македонското општество, исто како што и македонската заедница во Турција е значаен дел развојот на Турската држава.
За претседателот, Реџеп Тајип Ердоган, премиерот Мицкоски имаше само пофални зборови.
„Јас во претседателот Ердоган гледам голем поддржувач и пријател. Неговото минато, исто како и минатото на Турција се поврзува со мојата татковина, и воедно ова е добра прилика да кажам дека тој е секогаш добредојден во Скопје, во Охрид и на било кое место кај нас, и се надевам дека тоа ќе го стори многу скоро“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази уверување дека соработката меѓу двете држави ќе продолжи да се развива во духот на заемното почитување и заедничките интереси, со цел да обезбедиме подобра иднина за нашите граѓани.
Тој ја потврди посветеноста како држава на градење на цврсто партнерство и потврда за македонско турското пријателство на економски, политички и културен план.
Мицкоски и Ердоган потпишаа декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Советот, како што беше истакнато, ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа