Утре е ден кога се случуваат чуда: Се празнуваат Светите седуммина младенци во Ефес

 

Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат овие светители:

Светите седуммина младенци во Ефес

Во времето на царот Декиј имаше големо гонење на христијаните. Самиот цар дојде во Ефес и овде приреди гиздаво и бучно празнување на мртвите идоли, но и страшен колеж на христијаните. Седуммина момчиња, војници, се воздржаа од скверното жртвопринесување и усрдно Го молеа Бога Единствениот да го спаси христијанскиот род. Беа синови на најугледните ефески старешини, а имињата им беа: Максимилијан Јамвлих, Мартинијан, Јован, Дионисиј, Егзакустодијан и Антонин. Кога беа обвинети кај царот, се засолнија на ридот Охлон зад градот Ефес и овде се скрија во некоја пештера. Кога царот дозна за тоа, нареди да ја заѕидаат пештерата со момчињата внатре. А Бог, според Својата далекусежна Промисла, пушти еден чуден и долготраен сон на нив. Царските дворјани Теодор и Руфин, коишто беа потајни христијани, дадоа таму да се вѕида и едно бакарно ковчеже со оловни плочи на коишто беа испишани имињата на овие момчиња и нивната маченичка смрт во време на царот Декиј. Оттогаш поминаа над двесте години. Во времето на царот Теодосиј Помладиот (408 г. – 450 г.) настана голем спор околу воскресението на мртвите. Зашто имаше некои што се посомневаа во воскресението. Царот Теодосиј беше во голема тага заради овој спор меѓу верните и Му се молеше на Бога за Бог на некој начин да им ја објави вистината на луѓето. Во то време на бура во Црквата, овчарите на некој Адолиј којшто го поседуваше ридот Охлон, почнаа да прават трла за овците и земаа камен по камен од онаа пештера. Тогаш младенците се разбудија од сон, млади и здрави какви што заспаа. И тоа чудо се разгласи на сите страни, та и самиот цар Теодосиј дојде со голема свита и со умиление разговараше со момчињата. После една недела тие повторно заспаа со сон смртен, за да го чекаат општото воскресение. Царот сакаше да ги положи нивните тела во златни ковчези, но тие му се јавија во сон и му рекоа да ги остави на земја како што се полегнати.

Тропар
Големи чуда на верата се покажаа во пештерата, која како царска одаја послужи на светите седум отроци, умирајќи без тело, по многу време се подигнаа како од сон, посведочувајќи го воскресението пред сите луѓе. По нивните молитви, Христе Боже, помилуј н?.

Светиот маченик Козма Рамноапостолен

Родум од Етолија, од селото Мегадендрон (Големо дрво). Како момче отиде на Света Гора и во манастирот Филотеј беше потстрижен за монах. Но гонет од постојана желба да му го проповеда Евангелието на народот, тој отиде во Цариград и испроси благослов од патријархот Серафим II. Ги обиколи сите придунавски краеви проповедајќи го Евангелието, но најмногу се задржа во Албанија, каде што пострада од некој Курт паша, когошто Евреите го раздразнија против Козма. Свети Козма беше удавен од Турците, па потоа фрлен во река, во 1779 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во селото Колкоидас, во храмот на Пресвета Богородица, недалеку од градот Фиери. Пострада за Господ во шеесет и петтата година од животот.

Тропар
О Козмо свети, гласу во пустината на овој свет, кој облагодатен трагаше по човекот, за да го приведеш кон познание на вистината. Спасителот, поведувајќи те низ оган и вода, те приведе во местото на одморот за да се насладува душата твоја на двојниот венец и рајската убавина, од каде сега се моли за наше преумување и спасение.

16.08.2022 - 20:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега