(ВИДЕО) Ковачевски од Естонија: Северна Македонија има најголема покриеност во однос на 5Г технологијата

 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски по завршувањето на билатералната средба со естонската премиерка Каја Калас во рамки на Талинскиот дигитален самит 2023, во изјава за неговата посета на Естонија посочи за важноста на дигиталната трансформација за нашиот пат кон Европската Унија, како и за другите теми кои биле предмет на разговор за време на посетата.

„На самиот Самит разговаравме во однос на развојот кој го имаме како држава во делот на телекомуникациските мрежи и дигитализацијата. Северна Македонија е една од државите во регионот на Балканот, меѓутоа и во југоисточна Европа која располага со една од најразвиените телекомуникациски мрежи која е целосно дигитализирана и држава којашто има најголема покриеност во однос на 5Г технологијата во моментов. Тоа е одлична основа за развој на дигитални алатки меѓутоа и за развој на голем број на владини услуги коишто ќе бидат дигитализирани и на кои работиме преку планот кој го спроведува Владата на Република Северна Македонија“, истакна премиерот во своето видео-обраќање до јавноста.

Дополни дека имал состанок и со генералната секретарка на Светската телекомуникациска унија г-ѓа Богдан – Мартин, на којашто била истакната одлична соработка уште од осамостојувањето на Северна Македонија.
 
„Исто така, таа го истакна фактот што нашите стручни лица, инженерите во делот на телекомуникациите, меѓутоа и на ИТ технологиите се високо ценети од страна на Светската телекомуникациска унија и исто така разговаравме за зголемување и продлабочување на соработката во однос на решенијата коишто можат да помогнат во забрзувањето на дигитализацијата на нашите јавни услуги.
 Состанокот со премиерката на Естонија беше пријателски. Естонија е една од нашите најпријателски држави особено во делот на поддршката за проширување на ЕУ, со нови земји членки. Разговаравме за билатерални, но и за мултилатерални прашања бидејќи со Естонија сме држави кои се членки на НАТО. Разговаравме за поддршката која и едната и другата држава ја даваме на Украина во нивната борба за демократија и територијален интегритет, после неоправданата инвазија од страна на Русија“, потенцираше Ковачевски.

05.09.2023 - 16:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега