(ВИДЕО) По 50 години, повторно се испишува историја: „Одисеј“ слета на Месечината
Шестаголното вселенско летало „Odysseus“ (Одисеј), на американската компанија „Intuitive Machines“ од Хјустон, слета во петокот околу 00,30 часот во кратерот Малаперт А во близина на јужниот пол на Месечината и со тоа стана првото американско летало коешто се спушти на природниот сателит на Земјата по повеќе од половина век.
Информацијата за успешното слетување на леталото ја потврди директорот на мисијата Тим Крејн, истакнувајќи дека станува збор за историски момент кој го означува првото американско атерирање на Месечината уште од дамнешната 1972 година. „Добредојдовте на Месечината“, додаде Крејн.
Овој проект се смета за дел од настојувањата на американската национална агенција за вселенски истражувања NASA со комерцијални летала да го трасира патот за враќање на американските астронаути на Месечината до крајот на оваа деценија.
Сондата „„Odysseus“ беше лансирана на 15. Февруари со ракетата „Falcon 9“ на приватната компанија „SpaceX“ на Илон Маск.
Според директорот на NASA, Бил Нелсон, мисијата претставува триумф, голем скок за целото човештво.
„Денеска првпат по повеќе од половина век Соединетите држави се вратија на Месечината. Првпат во историјата на човештвото, американска компанија го водеше патувањето таму горе“, истакна Нелсон.
Во NASA, покрај тоа, се надеваат дека со текот на времето на Месечината ќе воспостават долготрајна присутност. Планот е од мразот да се собира вода за пиење и за ракетно гориво. Тоа агенцијата го прави во рамките на програмата „Artemis“ чијашто цел е да се воспостави постојана база на Месечината, како предуслов за човечки мисии на Марс.
Со „„Odysseus“ на Месечината се испратени камери за истражување на промените на месечевата површина под издувните гасови од моторот на вселенски брод, како и уред за анализа на облаците набиени со честички прашина која во самракот лебдат над површината поради зрачењето од Сонцето.
Медиумите, исто така, објавија дека NASA на споменатата приватна компанија ѝ платила 118 милиони долари на Месечината да го испорача нејзиниот нов хардвер, што е дел од иницијативата на американската вселенска агенција сака да го делегира транспортот на товари на Месечината на приватниот сектор за да заштеди и конечно да се ослободи од зависноста од руските товарни бродови со кои сега се користи за пратките на Меѓународната вселенска станица, како за да поттикне ткн „лунарна економија“.
Инаку, во еден момент од мисијата, слетувањето на „Odysseus“ беше одложено поради проблемот со системот за навигација, имајќи предвид дека системот не работел исправно. Леталото, меѓутоа, се потпарело на експерименталната технологија на NASA си навигацискиот „Doppler Lidar“ кој користи три ласера за одредување на брзината и височината на којашто е леталото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа