Владимир Владимиров: Бугарија ќе добие многу ако јасно и јавно ја признае македонската нација и јазик

 

 

Бугарскиот аналитичар за балкански прашања, дел од новата политичка партија Републиканци за Бугарија, Владимир Владимиров, во интервЈу за Прес 24, вели дека привремената влада што ќе ја назначи претседателот Румен Радев нема овластувања и не треба да се очекува  да има каква било активност кон Македонија во однос на можноста за повлекување на бугарското вето во јуни на Самитот на ЕУ.

-Покрај тоа, самиот претседател Радев јавно ја поддржа политиката на вето и притисок врз Северна Македонија, водена од ГЕРБ и ВМРО БНД. Затоа, не очекувајте вистинска и практична акција од Бугарија пред есента и формирање на можна нова редовна влада. За жал, Северна Македонија во моментов е заложник на бугарската внатрешна политика и ќе мора да почека барем до есента годинава, вели Владимир Владимиров во интервјуто за Прес 24.

Анализирајќи ги македонско-бугарските односи Владимиров вели дека главниот проблем е историската  Комисија, која според него била формирана со јасна свест и задача да биде голем проблем и да ги минира односите меѓу двете земји. 

-Историските теми се важни и треба да се бараат заемно разбирливи и прифатливи парадигми - тоа треба да биде целта на Комисијата. Исто така, не е нормално и правилно историската комисија да биде најважниот фактор во односите меѓу две соседни земји и да се очекува дека во рок од една година, две или неколку ќе најдеме решенија за проблемите акумулирани во текот на 100 години. За мене, не помалку важно и фундаментално прашање е каде е развојот на Коридорот 8 со лошата инфраструктура, инвестициите, заедничките проекти? Во реалноста, Комисијата и политичарите ги доведоа односите меѓу двете земји до точка на замрзнување, и ова е апсурдно!, вели Владимир Владимиров во интервју за Прес24.

ПРЕС 24: Велгува ли Бугарија во една политичка криза на подолг рок во поглед на тоа да не може да воспостави стабилна Влада и како се тоа може да се одрази на македонско-бугарскиот дијалог?

ВЛАДИМИРОВ: Политичката состојба во Бугарија е посебна и интересна, со јасно разграничени два вида политички субјекти - „партиите на статус кво“ и „партиите на промени“. Бугарските гласачи покажаа дека сакаат промена во начинот на управување со земјата. 45-то Национално собрание имаше краток мандат, бидејќи никој не сакаше да учествува во коалиција со ГЕРБ, и таканаречените „партии на промена“ - „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“ и „Исправи се!“ немаа доволно пратеници за да формираат влада. Аналитичарите очекуваат овие „партии на протести“ да ја зголемат, но не за многу, поддршката на новите парламентарни избори на 11 јули. Во секој случај, по овие избори ќе има потешкотии при формирање влада и секако таа влада ќе биде влада на коалиција. Политичката криза во нашата земја, во секој случај, ќе продолжи да ги стагнира бугарско-македонските односи, а очекуваната Службена влада нема уставни овластувања да спроведува такви преговори.

ПРЕС 24: Реалноста покажува дека и да има нови избори, нешто што може да се смета како погодно време за дијалог би вило дури на есен. Но од друга страна тоа би значело уште една година загубена за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Можно ли е и колку е реално техничка влада во Бугарија, или службена како се нарекува со мандат од Румен Радев да го повлече ветото за Македонија пред ЕУ?

ВЛАДИМИРОВ: Како што забележав погоре, привремената влада што ќе ја назначи претседателот Радев нема такви овластувања и не очекувам да има каква било активност кон Северна Македонија освен нејзините оперативни одговорности. Покрај тоа, самиот претседател Радев јавно ја поддржа политиката на вето и притисок врз Северна Македонија, водена од ГЕРБ и ВМРО БНД. Затоа, не очекувајте вистинска и практична акција од Бугарија пред есента и формирање на можна нова редовна влада. За жал, Северна Македонија во моментов е заложник на бугарската внатрешна политика и ќе мора да почека барем до есента годинава.

ПРЕС 24: Во овој контест на политички сили во Бугарија, колку е можно да се изгради нова полтичка доктрина на Софија во поглед на Македонија и еден поинаков пристап во дијалогот. На пример моделот што го предлага САД, почеток на преговори и паралелен процес на решавање на меѓусебните недоразбирања?

ВЛАДИМИРОВ: Одговорот на ова прашање лежи во можните коалициски партнери на идната влада и нивната геополитичка ориентација. Единствената партија што би имала европски и рационален пристап кон Северна Македонија е Демократска Бугарија, во која членуваат политичари кои отворено го критикуваа ветото и политиките што ги водеше претходната влада. Партијата ИТН на Слави Трифонов има прилично народен и популистички профил и засега немаат ставови за оваа тема, но не би се обложил на нив за радикално да ја сменат моменталната состојба со ветото. Може да има промени кај влада која има јасна евроатлантска позиција и ориентација. Во оваа фаза, Бугарија остана изолирана и неразбрана од своите партнери во НАТО и ЕУ. Со промените предложени од Франција во процесот на преговарање со ЕУ, Северна Македонија има долг процес на преговори и пат и Бугарија може лесно да даде зелено светло и во овие 6-7 години да постигне резултати во разговорите со РСМ.

ПРЕС 24: Сега ВМРО на Каракачанов не е во Парламентот, но кога станува збор за македонскто прашање сосема сигурно е дека ќе биде на улица ако бугарската надворешна политика не оди по патот што тој го сака. Ќе има ли храброст која било Влада да се соочи со ваков предизвик?

ВЛАДИМИРОВ: Партијата на г. Каракачанов не е меѓу големите партии и има мала изборна поддршка во Бугарија. На последните избори, ВМРО БНД доби помалку од 4% потребни за влез во Националното собрание, и покрај големите финансиски и медиумски ресурси што оваа партија ги користеше во предизборната кампања, како и четиригодишното учество во управувањето со земјата. Јас би рекол дека тие ја исполниле својата задача, а тоа е блокирање на Северна Македонија за ЕУ ​​и влегување во режим на скандали и проблеми меѓу двете земји, но ниту овој раширен медиумски проблем не им помогна да освојат доволно гласови. Една прозападна идна влада не би се грижела за Каракачанов и неговата партија, туку за последиците од ветото и меморандумот. Оваа „операција“ беше спроведена брилијантно и резултатот е 2/3 мнозинство во бугарското јавно мислење, кое го поддржува ветото и потврда политика кон Северна Македонија.

ПРЕС 24: Очекувате ли промени во составот на бугарската комисија за историски прашања. Таму има многу луѓе кои се негов избор?

ВЛАДИМИРОВ: Мое лично мислење е дека оваа комисија беше формирана со јасна свест и задача да биде голем проблем и да ги минира односите меѓу двете земји. Во бугарскиот дел на Комисијата има учесници блиски до Каракачанов, а двајца од нив се коавтори на Договорот за добрососедство и пријателство, кој е нејасен и создава повеќе проблеми отколку што решава, ако го споредиме со Преспанскиот Договор, на пример. Самите научници во комисијата во најголем дел ја градеа својата кариера за време на социјализмот и го бранеа т.н. „Романтичен национализам“ во неговите историски позиции, кои не одговараат на современите европски и светски стандарди.

Еден од современите европски историчари, г-дин Рејмонд Детрез, многу добро го опишува ова прашање: „Претходно Бугари, значи и сега, и засекогаш Бугари.“ Од своја страна, нивните македонски колеги тврдат „Сега Македонци, значи и претходно, и откако почнал светот Македонци". И сето тоа преку образовниот систем влезе во бугарските и македонските училишта. Нема разбирање за тоа како се создаваат нациите, нема модерно разбирање за идентитетот.

ПРЕС 24: Што според вас се случува во оваа мешовита историска комисија. Колку таа реално има капацитет да ги надмине овие историски ралични погледи за некои настани и личности?

ВЛАДИМИРОВ: Во македонскиот дел на Комисијата, тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров дозволи или поточно внесе подобни научници со југословенски кариери, плус двајца членови блиски до ДПМНЕ, кои досега создаваа само и единствено проблеми внатре и надвор од Комисијата. Со сегашниот состав на Комисијата и преовладувачкиот дух на проблеми, недоверба и политичко мешање, не гледам како оваа структура може да помогне - наместо тоа, засега спречува и создава проблеми. Во пракса, двете „ВМРО-а“ ја искористија Комисијата за да соберат политички поени, и иако во јавност се чини дека тие се непомирливи „непријатели“ и „бранители“ на нивните земји, во реалноста тие работат во апсолутна координација како поврзани садови. Центарот што ги координира се наоѓа надвор од Бугарија и Северна Македонија.

ПРЕС 24: Ако се суди по досегашниот развој на добросседските односи, излезе дека оваа Комисија е најголемиот проблем. Колку е корисно целокупните односи да бидат ставени во зависност дали таа комисија ќе се договори за нешто или не?

ВЛАДИМИРОВ: Проблемите во историската комисија дојдоа главно по бугарскиот меморандум - во пракса овој документ го искриви и избега од духот на Договорот за пријателство и добрососедство и формулата за „заедничка историја“, што тука е целосен бугарски поглед на историјата и обид да го наметне без коментари на македонската страна. Тука е главниот и основен проблем и последователните активности и проблеми во Комисијата.

Историските теми се важни и треба да се бараат заемно разбирливи и прифатливи парадигми - тоа треба да биде целта на Комисијата. Исто така, не е нормално и правилно историската комисија да биде најважниот фактор во односите меѓу две соседни земји и да се очекува дека во рок од една година, две или неколку ќе најдеме решенија за проблемите акумулирани во текот на 100 години.

За мене, не помалку важно и фундаментално прашање е каде е развојот на Коридорот 8 со лошата инфраструктура, инвестициите, заедничките проекти? Во реалноста, Комисијата и политичарите ги доведоа односите меѓу двете земји до точка на замрзнување, и ова е апсурдно!

ПРЕС 24: Каде според Вас се случи крахот во македонско-бугарските односи по потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година?

ВЛАДИМИРОВ: Бугарија постигна историски успех за време на бугарското претседателство со ЕУ (2018), бидејќи успеа да ја врати темата за проширување на унијата кон Западен Балкан - и тоа го потврдија сите западни партнери. Следствено Договорот за пријателство и добрососедство еше природен и логичен следен чекор во вистинската насока. Потоа следуваше изненадувачката Декларација на Националното собрание и Меморандумот и работите тргнаа во сосема друга насока.

Тука е местото да се запрашаме како дојдовме до овде и кој има корист од лошите односи меѓу нашите две земји, со оглед на тоа што Бугарија гласаше „За“ за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Имаше големо руско влијание во претходната бугарска влада и мислам дека голем дел од промената во бугарската политика доаѓаа од оваа насока. Верувам дека „Операцијата Вето“, а особено последователниот Меморандум не беше измислен и испланиран целосно во Софија. Тука мора да го потенцираме недостатокот на подготвеност за донесување „непријатни“ политички одлуки и историски компромиси од страна на официјално Скопје, и на крај, но не и последно, огромното влијание што го има Србија во политичките и финансиските кругови во РСМ. Првата и втората влада на Заев беа и се уште се под постојан притисок од опозицијата пред лицето на ДПМНЕ и секоја отстапка и потрага по компромис со Бугарија за историското прашање ќе се опише како „предавство“. Темата „Македонија“ не е една од примарните теми во јавниот и медиумскиот простор на Бугарија, но има многу сериозен емотивен полнеж, кој се користеше во погрешна насока, додека темата „Бугарија“ отсекогаш била меѓу водечките теми во македонската политика и историја. Ја ја гледам моменталната состојба и развојот на спорот како семеен скандал меѓу роднини, каде емоциите преовладуваат над разумот.

ПРЕС 24: Во Македонија тешко се разбира бугарската позиција кога станува збор за идентитетските прашања. Софија ја прифаќа реалноста, но тврди таа реалност е од 1945 година?

ВЛАДИМИРОВ: Неразбирањето и неприфаќањето од бугарската позиција од страна на македонското општество е сосема разбирливо. Оваа позиција е двосмислена, не многу јасна остана и недоразбрана од другите земји на ЕУ. Постои признание со „половична уста“ на македонската државност, но има голем број забелешки во врска со јазикот и историската антропологија на македонската нација. 1945 година беше почеток на денешната македонска држава и државност, но процесите на формирање на македонскиот идентитет може да се идентификуваат и во доцниот османлиски период, а особено во периодот помеѓу двете светски војни, кога денешна Северна Македонија беше дел од Кралството Југославија. Реално, разговорот за македонскиот идентитет на оската „историско ВМРО“ наспроти „АСНОМ“ сè уште не е започнат или барем не завршил во македонското општество и Бугарија може и треба да учествува во оваа дискусија „заедничка историја“.

Јас сум на непопуларното мислење, засега во Бугарија, дека Бугарија ќе добие многу од јасно артикулираното и јавно признавање на македонската нација и јазик, кои денес се реалност. Политичарите од обете земји мора да најдат политичко и трајно решение, проследено со изнаоѓање заемно прифатливи решенија на историската комисија, а не обратно.

ПРЕС 24: Кои се според Вас погрешните и несоодветни чекори на македонската страна во овој дијалог?

ВЛАДИМИРОВ: Во македонското општество сè уште има застарени сваќања за Бугарија како непријател - наметнувани за време на тоталитарната Југославија, историски наративи за бугарскиот „фашистички окупатор“ и херојскиот „антифашистички“ македонски народ, како и за протобугарите со коњите од татарско потекло. Сеќавањето на крајот на осумдесеттите години од минатиот век е сè уште живо, кога македонските граѓани на Југославија се чувствуваа и беа во подобра финансиска состојба од Бугарите. „Антифашизмот“ е вкоренет во македонската државност, како на малку места во Европа, и има главно антибугарска ориентација, а не антинацистичка како што е на остатокот од континентот. Денешното бугарско општество не ја разбира оваа антибугарска реторика, бидејќи обичните Бугари, во своето огромно мнозинство, го сметаат словенското население на РСМ за браќа.

Како што реков погоре, неколку други фактори играат голема улога - огромниот притисок врз Заев од опозицијата, влијанието на Србија и Русија, како и неуспешниот процес на де-југословенизација на македонската историска наука, а со тоа и на општеството како целина.

За да се синтетизираат проблемите во двете земји - Бугарија мора смело да ја погледне денешната реалност, а Северна Македонија без предрасуди во своето минато!

ПРЕС 24: Има ли замешаност во овој проблем од надворешни сили. На пример Русија? Неодамна излезе еден нон-пејпар за поделби и нови граници на Балканот. Како тоа може да се рефлектира на стабилноста на регионот?

ВЛАДИМИРОВ: Русија има јасна опортунистичка политика за создавање проблеми во ЕУ и НАТО, а едно од најсоодветните места за тоа е Балканот. Потребно е многу малку напор за да ги вратиме духовите од минатото и повторно да имаме проблеми, а не развој. Како што споменав погоре, јас многу јасно ја гледам интервенцијата и „помошта“ на Русија во бугарското вето и ескалацијата на спорот меѓу нашите две земји. Друг фактор за дестабилизација е Србија, за која надворешната политичка доктрина, пријателство и сојуз меѓу Бугарија и РСМ е кошмар. Да се потсетиме на вистинското учество на Србија во настаните од 2017 година во нападот врз македонскиот парламент, кога меѓу присутните беа и високи српски шпиони.

Овој „нон-пејпер“ е создаден во Москва, поминал низ Белград, а Словенија и локалните политичари биле користени само како канал за негово пласирање. Еден од првите медиуми што ја обработија темата на овој „документ“ беа словенечките медиуми, кои се во сопственост на олигарх близок до Орбан - во РСМ има многу медиуми, кои исто така се во сопственост на истиот медиумски холдинг и кои активно го вжештија спор со Бугарија !! Во иднина ќе има слични настани на GRU и SVR на Руската Федерација и само евро-атлантските интеграции на регионот можат да бидат пречка за нив.

ПРЕС 24: Од ваква перспектива, што е национален интерес на Бугарија. Дестабилизран Балкан, или Балкан во кој Македонија е дел од ЕУ?

ВЛАДИМИРОВ: Северна Македонија мора да биде и е стратешки интерес на Бугарија како членка на НАТО и ЕУ! Бугарија имаше и се надевам дека ќе продолжи да игра позитивна улога во овие процеси за земјите од Западен Балкан. Само тргање на границите и слободно движење на луѓе и стоки можат да ги решат долгогодишните проблеми. Подобрувањето на транспортната и дигиталната инфраструктура е од клучно значење и наместо името и делото на Гоце Делчев да биде предмет на спор, би било подобро идниот автопат меѓу Скопје и Софија да го наречеме Гоце Делчев!

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.05.2021 - 09:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега