ВМРО-ДПМНЕ: Владата е против предлогот да се оди во пензија на 67 години

 

ВМРО-ДПМНЕ и Владата не поддржуваат зголемување на старосната граница за пензионирање и тоа е затворена тема за нас, соопштија од владејачката партија.

Ваквата реакција доаѓа откако Фискалниот совет, независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, предложи мажите и жените да одат во пензија на 67 години со цел одржување на Фондот на ПИОМ.

„Тоа што не сфаќаме е како истите луѓе кои молчеа додека се ограбуваше државата, додека инфлацијата растеше вртоглаво, додека институциите ги распаѓаа или тие лично или нивните најблиски соработници, сега глумат душогрижници, дали мислат дека народот им верува? Лицемерието и дволичноста на СДС се добро познати на граѓаните. Во време на СДС имаше пад на економијата највисок во историјата, историски највисока инфлација, осиромашени граѓани, пад на индустриско производство најголем во историјата, додека земјите од регионот имаа раст од над 50 отсто на БДП по глава на жител во период 2017-2023 година, Македонија имаше едвај 20 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку претседател на Фискалниот совет е Глигор Бишев, поранешен директор на Шпаркасе банка. Членови се и академик Абдулменаф Беџети, како и Марина Трпеска, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ. Советот, освен зголемување на старосната граница за пензионирање, предлага и зголемување на стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно таа да изнесува 19,5 проценти.

04.12.2024 - 13:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега