Зеленски се пожали: Путин пак сака да ни ги нападне нуклеарните централи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека рускиот претседател Владимир Путин бара начини да го „скрши украинскиот дух“ и дека планира да ги нападне нуклеарните централи во Украина и целата енергетска мрежа.

„Русија ги уништи сите наши термоцентрали и голем дел од нашите хидроцентрали. Вака Путин се подготвува за зимата, надевајќи се дека ќе страдаат милиони Украинци.

Путин сака да ги остави граѓаните на Украина во мрак и да ја натера Украина да се предаде“, рече Зеленски во својот говор на Генералното собрание на ОН во Њујорк, кој започна говорејќи за денот кога руските тенкови пукаа директно на нуклеарната електрана во Запорожје.

Тој предупреди дека секој напад со проектили или беспилотни летала врз енергетскиот систем на Украина може да доведе до „нуклеарна катастрофа“.

„Тој ден никогаш не смее да дојде… Тоа се нуклеарни централи. Мора да останат безбедни“, рече тој и оцени дека радијацијата што ќе се ослободи нема да ги „почитува“ државните граници.

Зеленски рече дека нуклеарната безбедност е клучен дел од „формулата за мир“.

Тој нагласи дека украинскиот народ е тој кој ги трпи последиците од војната и дека децата мора да научат да ги разликуваат звуците на различни видови артилерија и беспилотни летала.

Според него, Путин е тој што го подели украинскиот народ, бидејќи тој „одлучил да прави што сака“.

Според него, не може да има праведен мир без Украина и дека соседните земји на Русија во Европа и Централна Азија знаат дека „војната ќе дојде и до нив“.

Тој додаде дека мора да се почитува Повелбата на ОН за да се гарантира правото на Украина на територијален интегритет и суверенитет.

„Руските окупатори мора да се повлечат и да ги повикаме одговорните за воените злосторства. Мораме јасно да ставиме до знаење дека војната е завршена“, рече Зеленски.

Завршувајќи го своето обраќање пред Генералното собрание, украинскиот претседател рече дека сака мир за својот народ, „вистински мир и праведен мир“ и дека за тоа бара поддршка од сите народи во светот.

Тој рече дека за време на Самитот на Генералното собрание на ОН се сретнал со лидери од целиот свет и дека сите го делат истото мислење – тоа мора да биде „вистински и праведен мир“.

„Ние не го делиме светот и истото го барам и од вас. Не го делете светот. Бидете обединети и тоа ќе ни донесе мир“, заклучи Зеленски.

25.09.2024 - 18:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега