Арсовска: Градот Скопје нема никакви должности и доверителски односи со никого од приватните автобуски превозници

 

Градот Скопје нема никакви должности и доверителски односи со никого од овие превозници, најмалку со оние коишто манипулираа, ги полнеле џебовите – имаат милиони во своите џебови, а овие луѓе работеа таму за плата, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Градоначалничката Арсовска ова го кажа на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање поврзано со приватните автобуски превозници и долгот кон нив.

– Градот Скопје нема никакви должничко доверителски односи. Ние како локална самоуправа ги повикуваме на јавен повик да се лиценцираат со коишто понатаму ќе вршат услуга на јавен превоз заедно со ЈСП. Ние ниту должиме, ние немаме никаков ниту должничко доверителски ниту каков било договор којшто предизвикува финансиски импликации или должување кон кој било од овие лица, истакна градоначалничката.

На прашањето дали е фер сите возачи коишто се преку 500 да останат без работа поради манипулациите на неколку луѓе, Арсовска праша зошто не се пријавиле кога бил повикот и кога можеле да се пријават.

Според Арсовска, тие договори се склучени и во нив е дефинирано врз основа на што тие добиваат лиценца да возат и да обавуваат јавен превоз и вели дека таму е утврдено дека доколку под 80 проценти не возат во текот на еден месец по автоматизам тој договор се раскинува.

– Не го раскинуваме ние, го раскинуваат тие со тоа што не возат во рамки на она што им е дадено, довербата на градот и граѓаните да возат под 80 проценти повеќе месеци по ред. И втората опција која што исто така самите ја предизвикаа да се случи не возеа повеќе денови по ред, односно не испорачуваа никаква услуга за граѓаните коишто повторно самите предизвикаа тој договор да биде раскинат, рече Арсовска.

Таа нагласи дека нејзината должност по закон е дека доколку некој не испорачува, тоа да се прекине, и дека тоа е нејзина обврска.

На прашањето за средбата којашто се очекува да биде помеѓу Владата, приватните автобуски превозници и Градот Скопје, таа одговори дека нема да работат по закани и дека Градот веќе го кажал својот последен збор со јавните повици.

– Јас не можам да одговорам во туѓо име, јас можам само да ви кажам како личност која што седи од оваа страна, моја должност и обврска по закон е доколку некој не испорачува тоа да биде прекинато. Толку е, значи тоа е обврска, подвлече Арсовска.

– Кога некого ќе повикате на јавен повик има отворена можност да дојде да ги стави во функција основните средства коишто ги имаат и тие не дојдат и не се пријават, и тоа свесно, треба нив да ги прашате зошто не се пријавуваат, рече Арсовска. 

26.01.2023 - 17:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега