Д-р Наум Трпеноски: Здравството функционира како три клинички центри – на Бихаќка, Белата Палата и Мала Речица

Македонското државно здравство покажа исклучително ниско ниво на справување со пандемијата. Друго и не можеше да се очекува ако се земе предвид во каква состојба беше и пред пандемијата. Имаме потполно партизирано здравство, вели во интервју за Прес24, Др Наум Трпеновски, очен хирург и магистер по здравствен менаџмент.

Доктор Трпеновски, кој е еден од најеминентните очни хирурзи во државата, и бил дел и од државното и од приватното здравство, вели дека раководните функции и вработувањата како и кај претходната, така и кај оваа власт, одат исклучително партиски. 

-Најдобро е и да направат три клинички центри. Еден на Бихачка, еден во Палатата од ВМРО и еден во Мала Речица. Едноставно од здравство кое се гради на партиска и на национална основа друго и не може да се очекува, вели во интервју за Прес 24, доктор Наум Трпеноски.

Тој е еден од ретките лекари кој заговара комплетно нов модел на здравствена заштита во државата по принципот на таканаречениот ваучер модел. 

-Во тој модел за пациентот би бил подеднакво достапен и државниот и приватниот здравствен систем и тој би одбирал самиот каде ќе се лекува за своите пари. Ако некогаш и ги почнеме преговорите со Европската унија тогаш ќе мораме да воведеме еднаквост помеѓу приватното и државното здравство и подеднаква достапност на пациентите и кон државното и кон приватното здравство, вели др Трпеноски во интервјуто за Прес24.

Во интервјуто то прави целосен приказ на тоа што и како подразбира под суштинска реформа на здравствениот систем, потецирајќи ја потребата од функционалната интеграција на болниците. Според него таа треба да почива на принципот на праведност, еднаквост и достапност на здравствената заштита за секој подеднакво. 

-Јасно е дека со концентрацијата на поголем број кадар и опрема и здравствената заштита постанува подобра. Поголема болница - поголема здравствена заштита. Со функционалната интеграција се подобрува одреден облик на здравсвена заштита, но таа заштита не е во болницата која е временски најблиска на пациентот. Ова погрешно може да се протолкува како смалување на достапноста на одредена услуга, но тоа во никој случај не е така. Услугата пациентот ќе ја добие понекогаш во поодалечено место од својот град, но таа секако ќе биде врвна, а и позитивно финансиски ќе се одрази на финансиската состојба на болницата, вели Др Наум Трпеноски, очен хирург и магистер по здравствен менаџмент во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Помина речиси една година од почетокот на пандемијата со Ковид 19. Исклучително тешка година за здравството. Од ова искуство што го доживеа македонското здравство, како ја оценувате неговата подготвеност, организираност, ефикансост?

ТРПЕНОСКИ: Македонското државно здравство покажа исклучително ниско ниво на справување со пандемијата. Друго и не можеше да се очекува ако се земе предвид во каква состојба беше и пред пандемијата. Имаме потполно партизирано здравство. Раководните функции и вработувањата како и кај претходната, така и кај оваа власт, одат исклучително партиски. Најдобро е и да направат три клинички центри. Еден на Бихачка, еден во Палатата од ВМРО и еден во Мала Речица. Едноставно од здравство кое се гради на партиска и на национална основа друго и не може да се очекува.

ПРЕС24: Во оваа криза приватното здравство пак во еден сегметн се покажа како слабо општествено одоворно. Високи цени за лекување Ковид паценти, имаше неколкуѕ обиди за некакви координации со државата, но сепак како да не достасува некоја сериозна државна стратегија за здравствената политика?

ТРПЕНОСКИ: Точна е вашата констатција. Тука недостасуваа законски решенија кои и претходно требаше да бидат донесени. На пример во Хрватска се лимитирани цените на приватните здравствени услуги т.е утврдена е нивната горна граница така да нема можност за вакво диво играње со цените за лекување со пациентите кои се лекуваат од Ковид 19 во приватните болници, но и со другите болести кои цени јасно е се одредуваат на начин на кој не би смеело да се одредуваат. Стратегија некаква секако има, но таа не соодветствува на современите здравствени текови и стратегии туку е за партиски т.е популистички потреби.

ПРЕС24: Потребна ли е нова здравствена политика на државата, која преку сериозни издржани реформи ќе обезбеди некаков баланс меѓу јавното и приватното здравство?

ТРПЕНОСКИ: Секако дека е потребна. Статистички околу 40 проценти од здравствените услуги пациентите ги добиваат во приватното здравство.Тоа значи дека државата треба потполно да ги интегрира тие два системи т.е приватниот и државниот систем во еден систем кој ќе биде под исти услови достапен за пациентите. Лошата состојба во државното здравство доведе до невообичаено голем раст на приватното здравство и тоа секако треба да се интегрира фондовски во еден единствен систем. Не треба да се пренемагне фактот дека Фондот за Здравство во суштина е здружение на граѓани и дека не треба да ги именува неговите раководни тела Владата, но тоа засега во нашето општество малку кој го разбира и посакува.

ПРЕС24: Кои се вашите анализи кој модел би бил најсоодветен, кој пример може да се земе?

ТРПЕНОСКИ: Најдобар модел би бил таканаречениот ваучер модел. Во тој модел за пациентот би бил подеднакво достапен и државниот и приватниот здравствен систем и тој би одбирал самиот каде ќе се лекува за своите пари. Ако некогаш и ги почнеме преговорите со Европската унија тогаш ќе мораме да воведеме еднаквост помеѓу приватното и државното здравство и подеднаква достапност на пациентите и кон државното и кон приватното здравство. Впрочем тоа и Уставот го бара и гарантира. 

ПРЕС24: Македонија е социјална држава она што е суштински примарно за граѓаните е да се обезбедни бесплатно, или финансиски издржливо за луѓето здравство од една страна, а од друга квалитетно и одговорно здравство? Можно ли е  тоа да се постигне?

ТРПЕНОСКИ: Познати се демографските движења во нашава држава во која основни се два процеси: движење од периферијата кон Скопје и иселување од целата држава надвор. Последица на тоа е голем недостаток на лекари и население во одредени региони на државата. Затоа потребно е во Македонија да се спроведе проектот на функционално спојување на болниците.

Функционалното спојување на болниците подразбира соработка на болниците таму каде е тоа потребно и можно. Функционалното интегрирање на болниците секако треба да го прати реструктуирање и осовременување на болниците на основа на заеднички развој и ускладување на управување, дијагностичко-тераписките постапки и се што треба усмерено кон тоа да и другите региони на Македонија добијат квалитетно здравство, а секако и последично долгорочна рационализација на трошковите во здравствениот систем. 

За ваков крупен зафат, кој е антипопулистички, ако се гледа тесноградо, но во крајна цел пациентите од останатите региони на Македонија конечно би добиле квалитетно здравство,

Потребно е секако донесување на национален план за здравство. Планот би бил донесен во Парламентот и подржан од сите релевантни партии, како не би бил цел на лажен популизам.

ПРЕС24: Што подразбирате под Функционална итеграција на болниците?

ТРПЕНОСКИ: Функционалната интеграција на болниците треба да почива на принципот на праведност, еднаквост и достапност на здравствената заштита за секој подеднакво. Јасно е дека со концентрацијата на поголем број кадар и опрема и здравствената заштита постанува подобра. Поголема болница - поголема здравствена заштита. Со функционалната интеграција се подобрува одреден облик на здравсвена заштита, но таа заштита не е во болницата која е временски најблиска на пациентот. Ова погрешно може да се протолкува како смалување на достапноста на одредена услуга, но тоа во никој случај не е така. Услугата пациентот ќе ја добие понекогаш во поодалечено место од својот град, но таа секако ќе биде врвна, а и позитивно финансиски ќе се одрази на финансиската состојба на болницата.

Да појаснам: Функционална интеграција ќе се направи таму кај што треба и таму кај што може. Сите специјалистички дејности кои постоеле и пред функционалната интеграцијаи натака ќе постојат во сите болници, но не во сите досегашни облици. Одредени специјалности ќе бидат организирани низ специјалистичко-консултативна заштита, или дневна болница во една болница. Во друга болница пак ќе бидат реализирани хоспитализираните акутни или долготрајни лежечки случаеви, но се тоа во оквир на функционално интегриран состав на болниците.

Од друга страна оваа интеграција на одредени болници конечно ќе им донесе и дејности кои досега не ги имала, било низ специјалистичко конзилаијарна заштита било низ акутна или долготајна лежечка заштита.

ПРЕС24: Како би функционирал тој модел?

ТРПЕНОСКИ: За почеток треба да се формираат неколку здравствени региони. Тие би се формирале без никаква формално правна или административна основа туку само врз практична гледна точка. Болниците нема да го менуваат својот правен облик, но функционално споените болници ќе ги води еден директор. Секако дека ова во почеток ќе наиде на голем локал патриотски и лично мотивиран отпор, но тоа треба да биде пратено со квалитетен комуникациски процес и секако да започне како пилот проект во еден регион. Секако тука ќе биде објаснето дека со тоа ќе се добие, подобрено поврзување и континуирана 24 часовна заштита, уедначена и подобрена квалитетна здравствена заштита, ќе се зголеми достапноста и ефикасноста.

Значи треба функционално да се здружат соседните болници и да се престане со непотребно умножување на тераписки зафати на мали географски одалечености. Со ова ќе се овозможи современ економичен и мултидисциплинарен начин на лечење. При ваквите спојувања треба да се спречат мегаломанските амбиции и проекти затоа што низ добра организација во голем број на случаеви може болниците да се организираат во постоечките услови. Градежните инвестиции треба да бидат усмерени на енергетската ефикасност и сигурноста на работа.

Важноста на ваквата интеграција произлегува не само од фактот на досега неквалитетната здравствена заштита, туку и од фактот дека болничките установи имаат големи долгови према добавувачите. Со функционалното спојување просечната пополнетост на болнички кревети би требала да се доведе до 80 проценти. 

Ваквата интеграција на стручњаци и опрема би довела и до смалување на болничкото лечење т.е неговата должзина за 10 до 40 проценти со што болниците би се спасиле од најголемиот свој генератор на трошкови, а пациентите би добиле побрзо заздравување.

Зголемената концентрација на кадар секако ќе доведе и до негова поголема искористеност во амбулантните услуги од барем 10 проценти што е доста голем процент.

Во функционалното спојување треба да учествуваат освен Министерството за здравство, и Фондот за здравство, Заводот за јавно здравје, Агенцијата за квалитет и акредитација, Здравствените установи. Сите заедно треба да го воспостават националниот регистер на даватели на здравствена заштита кој би ги опфатил луѓето, просторот и опремата со кои се располага во приватното и државното здравство во Република Македонија.

ПРЕС24: Може ли ова сепак да прдизвика и ризик кој би бил негативен? 

ТРПЕНОСКИ: Треба да се донесе стратегија, но и да се разгледаат ризиците и да се направи стратегија за ублазување на ризикот. Основни критериуми за функционално спојување на болниците би биле:

1. Просечна пополнестост на креветите

2. Просечно траење на престојот во болниците

3. Минималниот потребен број на кревети

4. Модалитети на лечењето

Наведените критериуми секако не се идеални, но се користат за планирање во некои европски земји и тие секако ќе се прилагодат на демографските и географските карактеристики. Тоа секако е и податокот дека за да постои економски и стручно некое оделение треба да има пополнетост на кревети постручен протокол од 80 проценти. Секако дека оделенијата кои имаат пополнетост поголема од овој процент би добиле во ова функционално спојување и онолку поголем простор колку им е потребно. Секао дека можноста на постепено смалување на целодневното 24 часовно користење на болничките кревети со дневни болници би било приоритет.

ПРЕС24: Го спомнавте ваучер системот. Како тој би функционирал?

ТРПЕНОСКИ: Втората крупна реформа секако би бил Ваучер системот. Со него би се обезбедила праведност пред се, во смисла да осигурениците одлучуваат за своите уплатени придонеси каде да се лечат. Со приватизацијата на матичните лекари, стоматологијата и центрите за дијализа, како и со рапидниот развој на приватното здравство, големите приватни болнички капацитети, поликлиники, амбуланти итн, приватното здравство е премногу крупен фактор за истото да не се земе во предвид. Воведувањето на ваучер системот би обезбедило рамноправност на приватното и државното здравство и би довело до голем квалитативен скок во вкупниот систем на здравствена заштита. Со тоа и би се добило во време за реформи во системот за државно здравство и тие реформи побезболно би се извеле. 

Секао дел од реформите е и матерјалниот стандард на здравствените работници. Тука најверојатно би бил, според мене, најдобар Словенечкиот модел, кај кој би се овозможило на лекарите при потпишувањето на договорите сами да одлучат колку часови ќе работат во државното здравство, колку часови во приватното здравство. Така би овозможиле лекарите кои се способни да можат пазарно да заработат онолку колку вредат, И би ги задржале квалитетните лекари во државното здравство.

Клиничкиот центар би бил една целина и би бил надвор од Скопје, најверојатно на неговиот источен влез, и би бил достапен за населението на Источна и Западна Македонија преку обиколницата околу Скопје без да треба да се влегува во градот, со што би се смалиле сообраќајните гужви и загадувањето.

Реформите зо здравството значи би треало да се изведат во неколку тешки чекори. Секако дека тие би морале да се почнат и да се изведат со консензус на големите политички партии инаку истите би било невозможно да се изведат. Секако дека истите мора да се плод на широка јавна расправа, на напорна работа, храброст, знаење и пред се ентузијазам. Светот секако го води ентузијазмот.

ПРЕС24: Статистиките покажуваат дека изминативе дваесетина години од Македонија се иселиле огромен број медицински лица, лекари, анестезиолози, хирурзи. Тоа е процес со кој се соочуват и други држави, но колку тоа е сериозен проблем од кадровскиот потенцијал на македонската офтамологија?

ТРПЕНОСКИ: Реално многу мал е одливот на македонски офталмолозин во странство. Приватните офтамолошки установи усеаја да ги прифатат оние офтамолози кои својата иднина ја гледаа во државната офтамологија. Имено поголем е бројот на приватни очни оперативи од државните очни оперативи. Истите прватни очни оперативи веќе на големо го испраќаат својот кадар на специјализација во Белград и Загреб. Фактот дека специјализацијата по офтамологија во Македонија трае пет години и е од исклучително низок квалитет, како и фактот дека во Белград, Загреб и Софија трае четири години дополнително придонесе да приватните офталмомогии решенијата за кадровско екипирање и едукација го бараат надвор од нашата држава. 

ПРЕС24: Колку македонската офталмологија, без разлика во јавното или приватното здравство се носи со светските процеси на лекување и технички и кадровски?

ТРПЕНОСКИ: Државното здравство за жал поради големата партизираност и лошата кадровска селекција е на исклучително ниско нивото за следње на овие светски процеси. Фактот дека сме мала земја секако дека не ограничува и во одредени методи на лекување кои реално подобро се применуваат во околните поголеми земји. Што се однесува до „Промедика офалмологија“, верувале или не, технички е најопремена болница во екс Југославија. „Промедика Офталмологија“ е и направена врз тој принцип не само да ги применува новите методи во офталмологијата, туку и да учествува во создавање на тие нови методи. Имено единствени во екс Ју имаме тродимензионална хирургија на катаракта, наскоро и на задниот сегмент на окото. Околу 70 проценти од имплантите кои ги ставаме се мултифокални импланти, што секако е најголем процент на вградени такви леќи споредбено со регионот. Единствени во Европа ја третираме слабовидноста со апаратот „Амблиокор“ прифаќајќи во тој дел современи работи и од руската медицина. Единствени сме во Република Македонија со современа дијагностика на сувото око користејќи ги искуствата на италјанската офталмологија со апаратите „Ресоноај“ и „Ајлајт“.  Исто така даваме и отчет и гаранција за начинот на кој работиме, со воведувањето на т.н. „Куер код“ во здравството. Тоа поедноставено кажано значи дека моите операции се снимаат и веднаш на отпусното писмо кое пациентот го добива на само 15 минути по опетацијата во горниот десен агол на тоа отпусно писмо, со величнина од 3Х3 см. му излегува тој „Куер код“. Пациентот користејќи ја апликацијата „Куер код“ на својот мобилен кликнува и во целнина ја гледа сопствената операција. Со тоа пациентот добива гаранција дека мојата работа е изведена согласно начинот на кој таа операција треба стручно да се направи, онака како што е предвидено со актуелниот протокол за таа операција. Гледа дека е совесно работено и дека му е имплантирана онаа леќа за која тој ги издвоил своите средства. 

ПРЕС24: Кои се плановите на Промедика офталмологија во иднина?

ТРПЕНОСКИ: За три месеци се селиме еден спрат погоре во простор од околу 750 метри квадратни со четири амбуланти, десетина кабинети и две болнички соби. Следејќи ги трендовите на регионализација на здравството, без постоење на меѓудржавните граници се подготвуваме за сериозно регионално поврзаување со болница од регионот со која ќе им понудиме на пациентите успешно лекување на оние дијагнози кои ние не ги лекуваме, а за кои пациентите имаат голема потреба , а ние ќе бидеме гаранција за нивното успешно лекување. Се надевам исто така да станеме сериозен едукативен центар за младите специјализанти офталмолози, кои секако се иднина на македонската офталмологија и вложувањето во нив е секако наш најголем приоритет. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2021 - 08:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа