Голема акција на Царина и МВР: Запленети 22 автомобили
Во дводневна заедничка акција на Секторот за контрола и истраги при Царинска управа и Министерството за внатрешни работи запленети се 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблици управувани од македонски државјани.
Запленетите возила се од различни марки, а меѓу нив, четири ПМВ се марка МЕРЦЕДЕС, три ПМВ се марка АУДИ, две ПМВ се марка БМВ, едно патничко товарно возило е марка ТЕСЛА и др., а сите возила биле управувани од македонски државјани на територија на Република Северна Македонија повеќе од 6 месеци, соопшти Царинската Управа.
„Против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено Барање за поведување прекршочна постапката до надлежниот суд.
Имено, во согласност со законските надлежности на Царинската управа, кои се во согласност со критериумите и условите пропишани во Истанбулската конвенција за привремен увоз, одредби од Царинскиот закон и одредби од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, граѓаните на РСМ и странците можат привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на Република Северна Македонија за време на нивниот престој, но, најмногу 6 месеци во период од 12 месеци, по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија.
Во спротивно ќе треба да се пријават на најблиската царинска испостава во местото каде привремено престојуваат и да започнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото“, стои во соопштението на Царинската Управа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа