Иран им се закани на САД: Нема да се двоумиме да возвратиме
Исламската Република Иран нема да се двоуми доколку е неопходно да возврати на американскиот напад на територијата на Иран, изјави денеска портпаролот на иранската дипломатија, имајќи предвид дека Белата куќа не ја исклучи можноста за директен напад.
Соединетите Држави во петокот започнаа серија напади против елитните ирански сили и проиранските вооружени групи во Сирија и Ирак како одговор на убиството на тројца американски војници во Јордан на 28 јануари.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан во саботата изјави дека САД ќе продолжат да возвраќаат и не исклучува директен напад врз цели во Иран.
-Исламската Република нема да се двоуми ако е неопходно да возврати, изјави денеска на неделната прес-конференција портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
Во саботата, Соединетите Држави и Обединетото Кралство објавија дека бомбардирале десетици цели во Јемен како одговор на повторените напади на Хутите поддржани од Иран.
Канани ги осуди нападите во Ирак, Јемен и Сирија и ги нарече нелегални. Тој додаде дека нападите биле извршени како дел од „политиката на целосна поддршка“ за Израел. Хутите тврдат дека дејствуваат во „солидарност“ со Палестинците во Газа.
Американските сили вчера објавија дека извршиле воздушни напади врз пет проектили во Јемен, кои биле подготвени да бидат лансирани врз бродови во Црвеното Море.
Денеска Канани рече дека Техеран „не сака да ги влоши тензиите и кризите во регионот“ и дека „никогаш не поддржувал тензии и кризи“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа