ЈО: Извршивме надзор за предметите против Мерко, ама обемни се, мора да ги проучиме
Комисијата од Јавното обвинителство на РСМ извршила вонреден надзор за заведените предмети против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, ама резултати не даваат, оти велат дека поради обемноста на истите, ќе им требало повеќе време да ги проучат и анализираат.
„Комисијата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија задолжена да изврши вонреден надзор на заведените предмети против Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга изврши увид во сите завршени и предмети во работа против ова лице во Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Притоа, заради обемноста на преземените дејствија и сложеноста, дел од предметите се уште детално се проучуваат и се анализираат“, велат од ЈО.
Додаваат дека по завршувањето на проверките, Комисијата ќе изготвела извештај со насоки за постапувањето во конкретните предмети.
За потсетување, пред неколку денови Мерко и неговото семејство завршија на црната листа на САД, поради вмешаност во корупција. Мерко по повеќедневен молк откако беше прогласен за персона нон грата во САД, на јавноста и се обрати на ФБ, каде објави повеќе фотографии со американската амбасадорка во земјава, Агелер и напиша дека ќе бил целосно транспарентен и отворен за соработка за потребите на правосудните органи, кои ги истражуваат заведените предмети против него.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа