ЈП Лајка: Се шири кучешка чума меѓу кучињата во Скопје

 

„Должност ни е да ја информираме јавноста дека во прифатилишето на ЈП Лајка на почеток на месец декември 2022 година е констатирана појава на инфективна болест штенечак – кучешка чума (Canine distemper) кај вкупно 5 заловени кучиња. Штенечакот е заразна болест предизвикана од вирус кој ги напаѓа респираторниот, гастроинтестиналниот и нервниот систем кај млади,но и кај возрасни кучиња, која доколку навремено се детектира и соодветно се третира може да се излечи. Кучињата најчесто се инфицираат преку кивање и кашлање од заболено куче“. Овие информации ги соопштија од ЈП Лајка преку социјалната мрежа Фејсбук.

Оттаму појаснуваат дека станува збор за вирусно заболување од високозаразна природа кое пред неколку месеци се појави и на улиците во Скопје, исклучително ризично по животот на заловените кучиња, без никаква опасност по здравјето на луѓето.

„Од појавата на првите пет случаи на почетокот на декември, постојано се соочуваме со нов број на позитивни случаи кај нови кучиња, кои пројавуваат симптоми, бидејќи болеста има долга инкубација од неколку недели.

Ве информираме дека веднаш по констатирањето на првите случаи, согласно стручните ветеринарните препораки и насоки, преземени се низа превентивни мерки. Протоколот во прифатилиштето е во согласност со ветеринарната пракса и светските практики за управување на прифатилишта од овој тип и во консултација со ветеринарната фела, активисти и претставници на здруженијата за заштита на животни“, велат од ЈП Лајка.

27.12.2022 - 12:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега