Левица: Скопје се гуши во смет заради конфликтот на ДПМНЕ и Арсовска

 

„Преполни контејнери, диви депонии, ѓубре и смет околу домовите, неискосена трева помеѓу зградите станаа секојдневието кое го „краси“ Скопје. Сето ова неретко е надополнето со палење на некоја дива депонија што во овие летни температури допринесуваат во градот да не се дише!

Скопјани со право реагираат дека Скопје никогаш не било понечисто од сега. Причината за оваа состојба на главниот град е едноставна и повторлива по којзнае кој пат овие три години. Цената за кавгата помеѓу советниците на ВМРО ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска ја „плаќаат“ граѓаните“, велат од Левица.

Потсетуваат дека иако сме веќе во седмиот месец од годината, Програмата за Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ сè уште не е изгласана, па оттука , според оваа партија, комуналното претпријатие не може да работи.

Од Левица нагласуваат дека советниците од ДПМНЕ иако имаат мнозинство во Градскиот Совет, заради целта да ù наштетат на угледот на градоначалничката Арсовска, која притоа беше нивни кандидат за градоначалник, не даваат согласност ниту една од програмите на јавните претпријатија во Град Скопје да бидат изгласани. Заради ова, како што додаваат, претпријатијата се хендикепирани, не можат да функционираат нормално и додека граѓаните се незадоволни од услугите за кои плаќаат, сè повеќе работници и стручни кадри ги напуштаат иститие.

„Резултатот на одмаздољубивоста на ДПМНЕ кон сопствениот кандидат за градоначалник. Арсовска е целосен колапс на Градот. Де факто, Градот не само што сериозно го наруши угледот на институцијата Градоначалник, туку го наруши секојдневието на Скопјани, кои наместо да ги добиваат услугите за кои плаќаат, тие добиваат лош дневнополитички театар.

Програмите на јавните претпријатија ќе се најдат на дневен ред и на следната седница на Советот на Град Скопје“, се наведува во нивната реакција.

Советниците на Левица апелираат на вразумување на советниците и разбирање на тоа дека нивната улога е да ги заштитат интересите на Скопјани, а не на искомплексираните политичари од својата партија и конечно (после повеќе од седум месеци задоцнување) да ги изгласаат програмите на јавните претпријатија и да не дозволат заради внатрепартиски политички пресметки градот да биде дозатрупан во ѓубре.

10.07.2024 - 12:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега