Максим Димитриевски: Нема да дозволам некој да го направи Куманово пашалук
Поединци сакаат да го имаат Куманово под свое, вака Максим Димитриевски ги лоцира причините за расколот во СДСМ во Куманово, откако тој реши да оди на втор мандат со граѓански потписи, а партијата да истакне свој кандидат. Во интервју за Прес 24, тврди дека позади целата ситуација, стојат поединци од партијата.
-Па ние не се боревме да видиме иста приказна како онаа која ја симнавме од власт. Девизата дека сите се исти не сакам да биде реалност во Македонија. Не сме сите исти и нема ни да бидеме. Овој расплет на настаните јас најмалку го очекував од мојата партија која се повикува на демократски капацитет, вели Максим Димитријевски во интервјуто за Прес24.
Иако јавно не го посочува, сепак лесно препознатливо е името на министерот за внатрешни оливер Спасовски, кога зборува за поединци кои имаат лични интереси во Куманово.
- Покажав дека нема да дозволам да бидам жртва на манипулации и политички калкулации. Јавно побарав поддршка од мојата матична партија за да ја поддржат мојата кандидатура, но поединци во партијата наместо да одат со народот на Куманово одбраа да одат да го делат народот. Јас немам проблем со никого, дали некој има проблем со мене тоа е вистинското прашање. Верувајте кога работите по правила и процедури и кога не потклекнувате под притисоци имате непријатели. Но, тоа не ме плаши, туку напротив ми дава дополнителен стимул да покажам дека чесни луѓе има и меѓу политичарите, ги имало и ќе ги има, вели Максим Димитријевски во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Максим Димитриевски против СДСМ, или СДСМ против Максим Димитријевски. Кој против кого тргна?
ДИМИТРИЕВСКИ: Јас сум социјалдемократ, кој силно верува во социјалдемократските вредности, а член сум во партијата од 1995 година. Ги почитувам моите партиски другари, но сум човек што не знае да премолчи пред неправди или да не го искаже својот став кога не се согласува со нешто. Тоа е убавината на демократијата, за тоа се боревме, да можеме јасно и гласно да го кажеме својот став, затоа што само преку конструктивна критика, предлози и сугестии можеме да го движиме општеството кон подобро, кон напредок. Прочитав изјава дека Максим свртел грб на Максим, односно јас самиот на себе. Да бидеме на чисто, јас не свртев грб на никого, јас сум тука да служам на граѓаните на Куманово и тука сум поради нив. Изминатите четири години покажав и докажав што значи да се биде добар градоначалник, кој се грижи подеднакво за сите свои граѓани. Градоначалник кој ги слуша граѓаните и врз база на нивните потреби заеднички ги креираме локалните политики за развој на Куманово. Покажав дека нема да дозволам да бидам жртва на манипулации и политички калкулации. Јавно побарав поддршка од мојата матична партија за да ја поддржат мојата кандидатура, но поединци во партијата наместо да одат со народот на Куманово одбраа да одат да го делат народот.
ПРЕС24: Според последните изјави на партиското раководство, Вие треба да сте исклучени од партијата? Има ли таква одлука, и како го оценувате тој потег?
ДИМИТРИЕВСКИ: Разочарувањето е огромно затоа што е одлука на поединци, а не одлука на партиското членство. А статутот на партијата е јасен. По покренување на таква одлука треба да се повика членот кој се отповикува на јавна расправа и тој има право на образложение и жалба. Бевме сведоци на изјави од поединци од СДСМ дадени пред време дека ме исклучиле. Моето социјалдемократско убедување никој не може да ми го одземе, ниту пак може некој да ми го одземе правото на јавно искажан став. Очекував повеќе од раководство кое се декларира како демократско, а не очекував дека поединци во партијата ќе успеат со свои интриги да направат толку голема штета за членството, симпатизерите и поддржувачите. Еднаш кажав и ќе повторам нема да дозволам некој да го направи Куманово пашалук. Кумановци тоа нема да го дозволат.
ПРЕС24: Што всушност се случува во СДСМ во Куманово, како дојде до ваков расплет на настаните?
ДИМИТРИЕВСКИ: Кога имате градоначалник со голема доверба на граѓаните, кога имате градоначалник кој се бори до последно за своите сограѓани не може да му вратите на неговата посветеност со интриги и манипулации. Поединци сакаат да го имаат Куманово под свое. Па ние не се боревме да видиме иста приказна како онаа која ја симнавме од власт. Девизата дека сите се исти не сакам да биде реалност во Македонија. Не сме сите исти и нема ни да бидеме. Овој расплет на настаните јас најмалку го очекував од мојата партија која се повикува на демократски капацитет. Демократијата значи почитување на различните мислења и ставови, но и разговарање на темите кои се од заеднички и граѓански интерес.
ПРЕС24: Во изминативе година и половина имавте неколку изјави кои се разликуваа од ставовите на партиското раководство. Имаше доста искри, кои потоа ги смирувавте. Но очигледно е дека огнот тлеел?
ДИМИТРИЕВСКИ: Секој што ме познава знае дека сум човек што секогаш ја говори вистината, дека секогаш го искажувам јавно својот став. Исто така сум човек со јасни принципи за фер и коректна соработка. Но, не сум човек што ќе дозволи да си го погази кажаното или пак да го смени мислењето под притисок. Тој сум. Човек од народот и за народот.
ПРЕС24: Некои влеат дека проблемите се на релација меѓу Вас и министерот за внатрешни Оливер Спасовски?
ДИМИТРИЕВСКИ: Јас немам проблем со никого, дали некој има проблем со мене тоа е вистинското прашање. Верувајте кога работите по правила и процедури и кога не потклекнувате под притисоци имате непријатели. Но, тоа не ме плаши, туку напротив ми дава дополнителен стимул да покажам дека чесни луѓе има и меѓу политичарите, ги имало и ќе ги има.
ПРЕС24: Раководството на партијата до последен момент го чуваше името на кандидатот за Куманово, но Вие во последен момент одлучивте да влезете во процедура за собирање граѓански потписи. Дали во овој период постоеја калкулации, ветувања дека ќе бидете поддржани како кандидат на СДСМ?
ДИМИТРИЕВСКИ: Кај мене никогаш немаше скриени калкулации, за разлика од тоа што го правеа поединци во партијата. Мојата намера беше јасна за втор мандат и на сите партиски анкети бев на прво место. Нелогичен е овој потег на мојата партија да оди со друг кандидат наместо да ме поддржи. Изјавите дека мене некој ме развивал и ми давал можност за лична промоција е навистина смешна. Секој човек се развива самостојно со своите можности и капацитети, партијата не треба да биде место за развој на една личност, партијата ги спојува членовите за една идеологија. Во една партија најважна е идеологијата, тоа не прави членови на една партија, во која мора да зборуваме директно и отворено за сите проблеми, да креираме идеи, концепти кои треба да го подобрат животот на граѓаните. Тоа е партијата. Многу погрешно и поразително е да се мисли дека лукративниот пристап и клиентелизмот, дворските игри или византиските игри се обележје на една партија. Жално е што наместо идеологија зборуваме за почитување на основна демократија, како слободата на изразување. Јас се уште сум член на СДСМ и не сум исклучен. Според статутот на партијата треба да ме повикаат да ја објаснам мојата одлука. Јас и претседателот на паријата го информирав за сите активности што ги планирав, без да добијам конкретен одговор од другата страна. Не сум човек што води монолози, сакам дијалог и разговор.
ПРЕС24: По реакциите на јавноста препознатливо е дека имате голема поддршка во Куманово, но сепак ќе се соочите со противкандидат од Вашата партија. Како очекувате членството на СДСМ во Куманово да се ориентира?
ДИМИТРИЕВСКИ: Јас сум социјалдемократ и секогаш ќе бидам. Но, сум со мојот народ од Куманово. Очекувам поддршка од сите кумановчани кои знаат дека Куманово со мене како градоначалник расте и се развива. Од самиот почеток на мојата градоначалничка функција сум градоначалник на сите бидејќи доаѓам од една мултиетничка општина и практикував граѓански пристап кон решавање на работите. Граѓаните се уморни од политиката, но знам дека социјалдемократите ќе застанат зад мене. Затоа што зборуваме за идеологија, зборуваме за решавање на локални проблеми, зборуваме за наше Куманово. Граѓанскиот, националниот и државниот интерес мора да биде секогаш пред партискиот и личен интерес.
ПРЕС24: Очекувате ли опструкции во кампањата?
ДИМИТРИЕВСКИ: Очекувам се и подготвен сум на се бидејќи немам ниту една дамка во моето работење. Јас сум истиот човек како и пред да станам градоначалник. Регирав на назначувањето на директор во една детска градинка. Ми беа одземени ингеренциите на локалната самоуправа во поставување на директорот во детската градинка. Денес имаме проблем што директорот што го постави Министерството имаше скандал со труење на деца во истата градинка - случај кој ден денес не е разјаснет. Реагирав прв кога се појавија информациите дека средства од Фондот за иновации беа дадени на блиски луѓе во Владата. Па зарем да молчам кога ние се боревме токму против тоа – да не бидеме исти како претходната влада? Реагирав на наместени тендери во министерство за здравство за набавка за реагенси, испумпувања на милиоди додека мојот град сеуште нема мамограф а луѓето умираат секојдневно. Кога се случи експлозијата на случаи на КОВИД 19 во Куманово барав да се примени концептот на Дебар кој се покажа успешен. Не само што не ме послушаа и изгубивме многу човечки животи туку јас завршив со кривична пријава, дека наводно сум го напуштил домот за време на изолација. И секако не ќе бев јас ако не реагирав на интервјуто во БГНЕС на премиерот со став дека Бугарите во втора светска војна не го ослободија Куманово, туку го ослободија кумановци, нашите и сојузничките партизански сили. Фашистичка бугарија била окупатор, никогаш администратор, бришење на споменици не смее да има и нема да има, тоа е нашата историја и долг кон предците наши. Во вакви околности спремен сум на се, ама немам што да кријам и немам од што да се плашам затоа што со мене ги има кумановци. Различното мислење е вредноста која мора да се негува за унапредување на демократијата во една земја, а не да биде мотив за пресметки и лични суети.
ПРЕС24: На што акцент ќе ставите во следниот период. Каква кампања ќе водите?
ДИМИТРИЕВСКИ: Искрена и позитивна кампања и тоа не само декларативно со зборови, а во пракса нешто сосем друго. Сигурен сум во голема победа во Куманово, да се врати суштината на социјалдемократската мисла и идеја, да се развие демократијата и да им се стави крај на интригите.
ПРЕС24: Што е она што Кумановчани би сакале да го видат за својот град во следните четири години?
ДИМИТРИЕВСКИ: Куманово да продолжи да се развива и расте, да остане пример за град каде проблемите се решаваат без никакви потешкотии и каде градоначалникот и општината се вистински сервис на граѓаните со стратешки пристап за развојот и решавање на комуналните проблеми за наши кумановци и за наше Кумановово
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа