Мега полициска акција: Паднаа високи државни функционери

Четиринаесет лица се уапсени денеска во акцијата „Месо“ во БиХ поради сомнеж за даночно затајување и царинска измама, а меѓу нив се и двајца министри во Владата на Федерацијата БиХ и еден пратеник, потврдија судски и полициски извори.  

Уапсени се вицепремиерот и министер за земјоделство Јерко Иванковиќ Лијановиќ и ентитетскиот министер за трговија Милорад Бахиљ, како и пратеникот во федералниот Парламент, Младен Иванковиќ Лијановиќ. Меѓу уапсените се и уште двајцата браќа Иванковиќ Лијановиќ, Славо и Јозо, кои ја водат семејната месна индустрија која се наоѓа во Широк Брег.

Од Обвинителството на БиХ, по чиј налог е спроведена акцијата, се дознава дека апсењата се дел од истрагата за измами со кои буџетот на Федерацијата БиХ е оштетен за милиони конвертабилни марки преку фиктивен увоз на месо наменето за преработка.

Се претпоставува дека преку основање и подоцна затворање на фиктивни фирми, кои притоа останале должни за огромни суми на пари, на име на данок бил затаен огромен паричен износ. Спорните претпријатија се занимавале со увоз, производство и преработка на месо и месни производи.

Државната агенција за истрага и заштита на БиХ (СИПА), чии припадници ги спроведуваат апсењата, во своето соопштение потенцира дека се работи за износ кој надминува 11,6 милиони конвертабилни марки (5,93 милиони евра).

Уапсените во текот на денов треба да бидат сослушани во Обвинителството, кое потоа ќе одлучи за евентуален притвор или мерки за забрана за напуштање на земјата.

Денешната акција е спроведена на 14 локации ширум БиХ и претставува една од најголемите и најсложени предмети во борбата против организираниот криминал во постдејтонска БиХ.

10.09.2014 - 21:27
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега