МВР во потрага по велешанец - спречен канал на криумчарење на мигранти

Регионалниот центар за гранични работи Север до Основното јавно обвинителство за организиран криминал–Скопје, поднесе кривична пријава против лицето Е.Н. (34) од Велес, како и против непознато лице осомничени дека сториле кривично дело „криумчарење на мигранти“.

МВР денеска соопшти дека Е.Н. моментално е во бегство и по него е распишана потрага од страна на Одделението за потраги при МВР.

Според документираните сознанија од истрагата на почетокот на минатиот месец, поточно на 06.08 во 23,20 часот било пријавено дека на локалниот пат Куманово-село Романовце 200-300 метри над бензинска пумпа на „Лук Оил“ лоцирана во село Романовце имало превртено тешко моторно возило марка „Застава 83.10“ со штипски регистарски таблички. Од страна на кумановската полиција било излезено на место на настанот при што било констатирано дека возачот го немало во возилото. Тој избегал, а во близина биле пронајени девет лица илегални мигранти, три лица од Нигерија и шест лица од Сирија, од кои четри малолетни лица, без документи за идентификација, кои се сместени во ПЦС Скопје до завршување на постапката.

Со лицата е извршен разговор при што било констатирано дека во камионот имало околу 50 лица мигранти и кога се случила собраќајната незгода, стои во соопштението, другите се дале во бегство заедно со возачот во непознат правец, а се работело за две различни групи кои во различен период имале допатувано во Македонија со намера да патуват во земјите од ЕУ.

Едната група во која биле околу дваесет мигранти од Нигерија преку Бугарија допатувале во Србија, каде на непознато лице кое ги организирало му дале по 400 евра од човек да ги пренесе до Италија, а другата групата биле од Сирија и броела од 25-30 луѓе кои илегално оствариле влез од Грција во Македонија и биле предводени од непознато лице од Авганистан за сума од 850 евра по човек, пари што требало да му ги дадат откако ќе пристигнат во Србија.

На местото на настанот пронајдено е и патничко моторно возило „Рено-клио“ со велешки таблици кое било заклучено и возачот на возилото го имал напуштено местото. Возилото е оставено на местото на настанот, бидејќи се движело пред товарното возило и се исклучиле од локалниот пат с.Романовце-Куманово, движејќи се по пат кон атарот на село Романовце и кога се случила сообраќајната незгода возачот на „Рено клиото“ не бил во можност да се врати назад, по што го оставил возилото на 30 метри од незгодата

По извршените проверки пронајден е и е разговарано со сопственикот на товарното возило од Радовиш, при што тој изјавил дека возилото го имал објавено на оглас и се јавило лице кое се преставило по име Аце од Велес,  заинтересирано да го купи. Лицето кое се преставило како Аце пристигнал со возило „Шевролет Спарк“, со велешки регистарски таблички, а во него имало уште две непознати лица, од кои едно го управувало возилото, додека другото лице откако се пазареле за товарното возило го управувал камионот. Н.Р. изјавил дека камионот им го продал за сума од 2.100 евра од кои 1.900 евра му биле исплатени веднаш, додека останатите 200 евра требало да му ги исплатат откако ќе се направи купопродажен договор кај нотар.

Од извршените проверки телефонскиот број со кој лицето се јавувало на огласот е констатирано дека се води на лице од Велес по име О.М. со место на живеењево Велес. Од страна на полицијата во Велес О.М. е повикан на службен разговор при што тој изјавил дека наведениот телефонски број се води на негово име и на 05 или 06.08. го дал на користење на неговиот син Е.Н. кој заминал на одмор во Дојран. Е.Н. на 07.08. се јавил на неговата мајка, сопруга на О.М, и ги известил дека се наоѓа во Дојран, а телефонот кој му го дал неговиот татко на користење паднал во вода и не му работи.

Сопственикот, пак, на возилото марка „Рено клио“ Т.Р. од Велес, кое беше пронајдено во близина на настанот, изјавила дека возилото го продала на 05.03.2014 година на лицето Ј.Д., за што поседувала купопродажен договор,. Затоа на разговор е повикана и Ј.Д. (сестра на пријавениот Е.Н.) која изјавила дека колата ја купила а најчесто истота ја користи нејзиниот брат Е.Н., бидејќи со сопругот имаа друго возило за користење. На 06.08 нејзиниот брат и се јавил по телефон и и кажал дека со нејзиното возило ќе оди на одмор во Дојран.

По извршените претраги, соопшти МВР, дојдено е до сознание дека главен осомничен и организатор на овој настан е Е.Н., кој всушност бил и возач на возилото „Рено клио“, кое има улога на претходница при транспортот на мигрантите,

Од страна на Основен суд Велес издадена е Наредба за претрес на дом во дом и домашни простории на пријавениот во Велес. При претресот лицето не е пронајдено дома, а пронајдени се и со потврда за привремено одземени предмети се одземени: купопродажен договор за возилото „Рено Клио“, службена лигитимација издадена од МВР на Р.Македонија на име Е.Н. и телфон марка „Самсунг“ кој го користел пријавениот. Инаку Е.Н. е поранешен полициски службеник во МВР на Македонија, кој бил инволвиран и во случајот „Франкфуртската мафија“ за што издржувал казна затвор од три години во Германија. Истовремено тој бил инволвиран и во други дела како еден од главните организатори за криумчарење мигранти. 

11.09.2014 - 15:22
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега