Почнува седмиот фестивал на пантомима „Панфиз“

Четири претстави, од кои три гостински се на програмата на 7.Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“ кој ќе почне денеска и ќе трае до 7 октомври во Универзалната сала.

Фестивалот вечер на сцената Потковица ќе го отвори американската пантомимичарка Иман Лизаразу со претставата „Баскет ќес“, а во наредните три дена на Малата сцена на Универзална ќе бидат изведени и македонската претстава „Проклетството на Виктор и Викторија“ во режија на Војо Цветановски со актерите Дарко Вељиќ и Марија Бејкова, „Месечев човек“ на британскиот „Невидлив ансамбл“ во режија на Џулиета Килгелман и романската „Приказни без зборови“ и Стефан Руксанда на последниот ден од фестивалот.

„Панфиз“ ќе заврши со доделување на наградата за најдобра претстава, која е парична и спонзорирана од Росен Пацов и Антонија Цветанова од Ботевград, Бугарија.

Буџетот за фестивалот од Министерството за култура е ист како и лани (200.000 денари), намален за 45 отсто од предминатата година. Директорот на „Панфиз“ Трајче Ѓорѓиев  на прес-конференција рече дека поради скратените средства организирањето на фестивалот, кое ги вклучува и покривањето на трошоците за патување, престој и хонорари на учесниците од странство, се потпира, како што рече, на стари пријатели и луѓе кои им излегуваат во пресрет и дека им доаѓаат учесници на кои фестивалот може да им покрие само одредени трошоци.

Наместо во МНТ „Панфиз“ оваа година од технички причини е во нов простор. - Замислата беше фестивалот да се одвива на малата сцена во новиот објект, но поради поплавите од пред неколку месеци таа сцена во моментов не е во употреба. За среќа, нашите стари соработници - Театарот 007 и Универзална сала ни излегоа во пресрет, информираше Ѓорѓиев кој, заедно со Гораст Цветковски, е автор на плакатот за годинашниот „Панфиз“. 

04.10.2014 - 14:19

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега