Лабораториските резултати од починатиот Британец ќе бидат готови утре

 

Во Република Македонија нема друг сомнителен случај со симптоми на ебола. Резултатите од анализата која се прави во Хамбург на примероците од британскиот државјанин кој со симптоми на ебола почина вчера на Инфективната клиника, Министерството за здравство ќе ги добие утре попладне. Ова денеска го изјави раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство Јованка Костовска која рече дека здравствените власти се поблиску до ставот дека голема е веројатноста дека не станува збор за вирусот ебола. Но, нагласи таа, најголемата грешка што може да се направи во ваква ситуација е без да се има потврда од лабораторија да се верува дека нема вирус на ебола и да не се преземаат никакви мерки на заштита.  

- Врз основа на консултации со врвни авторитети на меѓународно ниво од областа на патологијата и инфективната медицина, како и посочените протоколи од областа на патологијата беше строго препорачано да не се врши обдукција на телото се до моментот на добивање на резултатите од референтната лабораторија, посочи Костовска.

- Делот каде престојувал пациентот е под посебен режим и таму се веќе преземени сите мерки за темелно чистење и дезинфекција на просторот, додаде Костовска.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека пациентот имал внатрешно крварење, бил во состојба на шок, што е исто симптом за случаи со ебола. Пациентот, укажа таа, побарал медицинска помош и викната е Итна медицинска помош која го транспортирала на Клиниката за инфективни болести.

- Во хотелот каде престојувал пациентот под карантин се 25 луѓе заедно со неговиот пријател. На Инфективната клиника се 10 луѓе, вклучително и медицинската екипа која го транспортирала. Доколку не се работи за ебола мора да се утврди што е причината за смрт. Можеби ќе се прави обдукција, рече Костовска.

Додаде дека добра страна е што пациентот три дена по ред не излегувал надвор од својата соба, не му било добро и не примал храна.

10.10.2014 - 12:57


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега