Има простор за зголемување на бизнис врските со Албанија
Над стотина бизнисмени од мали и средни претпријатија од Македонија и од Албанија учествуваа на денешниот деловен појадок што во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија се одржа во Тетово.
Активноста е дел од ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија и има за цел подобрување на соработката и коминикацијата помеѓу бизнис секторот со локалната и централната власт во насока на заедничко креирање и подобрување на можностите за водење бизнис.
Според министерот за економија Беким Незири вкупната трговија на Македонија со земјите од регионот за првите 10 месеци од 2014 година учествува со 12 отсто или 1,206 милијарди долари во однос на трговијата со светот, а од нив трговијата со Албанија е околу 1 отсто или 100 милиони долари.
- За мене како министер за економија фактот што Албанија ни е најблизок сосед, а сепак оставруваме мала размена е незадоволителен и сметаме дека има простор за зголемување на бизнис врските, трговската размена и економијата. Во овој правец коридорот 8 што е во завршна фаза, како и можноста границата да се минува само со лична карта дава основа дека може да се постигне зголемување на економските ефекти помеѓу двете земји. Истовремено и слободните економски зони во Македонија вклучително и оваа кај Тетово оставаат преку заедничка соработка компаниите од двете земји да работат на заедничко привлекување на странски инвестиции изјави министерот Незири.
Претседателката на Сојузот на стопанските комори на Македонија Данела Арсовска посочи оти целта на денешниот заеднички појадок е компаниите заедно да ја зголемат можноста за набавка на опрема, суровини, размна на технологија, заедничко воведување на стандарди, директна трговија и добивање поповолни услови за кредити.
Таа најави дека од нивните анализи на терен на присутните бизнисмени ќе им бидат понудени препораки за совладување на одредени административни проблеми со кои би можеле да се соочат во процесот на работење како и предлог политики за зајакнување на бизнис соработката и подобрување на трговската размена меѓу двете земји.
- Следните мерки се произлезени од анализите на реалните потреби и предвидуваат подобрување на размената на информации за економските и трговските активности во двете земји, зајакнување на активностите за промоција на извозот на македонските производи на албанскиот пазар, заедничка туристичка понуда на прекуграничната област, развој на униформирана методологија за класификација на објектите поврзани со туризмот, зајакнување на контролата на квалитет и лабораториски испитувања, подршка за подобрување на размена на информации меѓу националните статистички организации и поддршка за иновации во секторот на мали и средни претпријатија рече Арсовска.
Градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи истакна дека општината веќе користи средства од ИПА програмата за прекугранична соработка со општините Корча и Елбасан во Албанија и најави оти со свои проекти ќе учествуваат и на вториот повик за оваа програма.
На средбата присуствуваше и министерот советник во делегацијата на Европската унија Роберт Лидел.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа