И функционерите ќе плаќаат придонеси за хонорарите

 

Владината мерка која предвидува договорите за дело и авторските договори да влезат во системот на задолжително осигурување, односно да се плаќаат придонеси и за лицата ангажирани на ваков начин, има за цел да ја зголеми социјалната сигурност на граѓаните. Нејзината примена нема да се одложува и ќе почне како што беше предвидено на 1 јануари 2015 година, истакна денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Според него, со оваа мерка треба да се заштитат работничките права, да се создадат услови секој работник да биде платен за работата  што ја работи, како што рече, вредно и макотрпно, но и да му бидат платени придонесите од задолжително социјално осигурување.

- Како Влада не смееме да дозволиме на одреден работник кој извршува одредени работни задачи да му се дава плата, а да не му се плаќаат придонеси. Не смееме да дозволиме социјална несигурност кај тие работници, какви има во Македонија. Во голем број европски држави е воведено задолжително социјално осигурување за „фриленс работниците“ и оние кои работат врз основа на различен вид договори. На ваков начин нивната социјална сигурност ќе биде поголема, ќе имаат можност во иднина да остварат старосна пензија, рече министерот Спасов, одговарајќи на новинарско прашање по учеството на 8-та седница на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Во спротивно, додаде тој, ако на таквите работници не им се плаќаат придонесите лицата нема да може да остварат пензија, ниту пак осигурување при повреда, ниту право на здравствено осигурување, ниту кое било право што го имаат работниците кои се дел од системот на задолжително социјално осигурување.

Сите тврдења дека ова не е цел на законот и оти со него ќе изгубат работниците, според Спасов, се проѕирен обид да се девалвира овој, како што рече, позитивен проект и позитивна мерка.

- Оваа мерка е насочена кон заштита на работничките права, кон поголема социјална сигурност на работниците и кон давање на права и можности работниците да бидат осигурени, односно да бидат дел од задолжителното осигурување, потенцира министерот за труд и социјална политика. 

Тој одговарајќи на новинарско прашање се осврна и на исклучоците од овој систем.

- Исклучоците кои се прават врз основа на авторски договор и договор за дело се однесуваат само на пензионерите кои имаат авторски договори за дело. Сите останати кои остваруваат приходи по основ на вакви договори ќе плаќаат социјални придонеси и за авторските договори. Самите исклучоци кој не влегува во системот или, пак, за кои се веќе платени придонеси се наведени во Законот за задолжително социјално осигурување. Се работи за манипулација и извртување на вистината, рече министерот Спасов.

Додаде дека не е вистина оти функционерот кој, на пример ќе има авторски договор или договор за дело нема да плаќа социјални придонеси.

- Напротив, сите кои имаат такви договори ќе плаќаат и социјални придонеси. Исклучокот од оваа мерка е наведен точно и изрично во Законот. За сите останати граѓани по основ на извршување на именувана функција, работен однос или друг исклучок е наведен во Законот за социјално осигурување, истакна Спасов.

Смета дека државата не смее да дозволи одредени работници да работат а да не им се плаќаат придонеси и да не можат да остварат никакви права.

- Не смееме да дозволиме одредени бизнис интереси и работодавачи кои се грижат само за сопствениот профит на таа сметка да манипулираат со работниците. Не смееме да дозволиме на дел од платата да им се плаќаат придонеси, а на останатиот дел да им се исплаќа хонорар преку авторски договор или договор за дело. Исто така не смееме да дозволиме работник да работи само по договор за дело, а притоа да не оствари право на никакво осигурување, рече Спасов. 

 

 

Оцени ја веста

16.12.2014 - 22:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега