Исполнето уште едно ветување на премиерот Груевски

Исполнето уште едно ветување на премиерот Никола Груевски дадено на почетокот од месец април на народниот собир во Тетово. Драстично се намалени цените за изготвување на геодетски елаборати за обележување шуми на приватни сопственици.

Во сила е новиот тарифник според кој за половина се намалени цените за изготвување на геодетски елаборати за обележување на шуми на приватни сопственици за површини до 1 хектар. Согласно тарифникот, покрај за помалите шуми, има големо намалување и на цените за елаборатите за поголемите шумски површини од над 1 хектар.

-Сегашната цена која е 30 денари за еден метар должен ќе биде намалена за 50% за површина до 1 хектар, додека пак за површините од над 1 хектар и поголеми ќе се намали и до 70%. Тоа е барање од овие луѓе , тоа е барање на многу луѓе низ Македонија, од нашите контакти на терен, од одењата по села, по домови, по населени места  и тоа го испорачуваме на луѓето, рече премиерот Груевски на народниот собир во Тетово.

Според старата тарифа, односно пред намалувањето сопственик на приватна шума кој изработува геодетски елаборат за површина од 1 хектар, требаше да плати 14.970 денари а сега согласно намалувањето, за истата услуга треба да плати 7080 денари. За геодетски елаборат за 10 хектари приватна шума, според старата тарифа требаше да се плати 149.700 денари а сега согласно намалувањето за истата услуга и површина треба да плати 23.364 денари, што всушност претставува намалување поголемо и од ветеното.

Сите сопственици на приватни шуми веќе можат да изработуваат геодетски елаборати по овие нови намалени цени. Елаборатите се услов за добивање на одобрение за сеча.

-Она што беше ветено од страна на премиерот е веќе исполнето, од јуни на сила е новиот тарифник согласно кој е извршено едно сериозно намалување на цените за изготвување на геодетските елаборати за приватните шуми. Од ова поевтинување директна позитивна корист ќе имаат најмалку 15.000 лица кои што на годишно ниво имаат потреба од изготвување на овие елаборати, бидејќи истите се еден процесен услов за добивање на одобрението за сеча на огревно дрво кои што овие лица го користат или за сопствени потреби за затоплување во рамките на зимскиот период или пак за стопанска дејност со која што обезбедуваат приходи за себе и за своето семејство, изјави денеска владиниот портпарол Александа Ѓорѓиев.

Станува збор за мерка која значи големо и сериозно олеснување и поефтинување на процедурата за околу 15 илјади лица кои во просек на годишно ниво побаруваат одобрение за сеча на шумите. Голем дел од нив го користат исеченото дрво од приватната шума за сопствени потреби како огревно дрво во зимскиот период. Некои од нив пак остваруваат и стопанска дејност со продажба на огревното дрво обезбедено до приватната шума со што обезбедуваат приход за своите семејства. Покрај за овие 15. 000 граѓани мерката има потенцијална корист за вкупно 50 илјади сопственици на шуми во Македонија кои поседуваат околу 200 илјади парцели.

Ова намалување е уште еден вид на поддршка за сопствениците на приватните шуми, на кои Владата преку програмата за рурален развој им обезбедува и финансиска поддршка за кофинансирање на 50% од инвестициите за обележување на границите во шума и набавката на опрема на сопствениците на приватни шуми, согласно јавни повици кои се објавуваат секоја година од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.  

 

 

Оцени ја веста

24.07.2015 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега