Во Велес одбележани 66 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција

Денеска во Велес се одбележаа 66 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, кој траела од 1946 до 1949 година.

Завршувањето на војната се одбележа пред спомен плочата на загинатите борци од градот, во во организација на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес.

Во чест и почит кон загинатите борци на спомен плочата што се наоѓа наспроти велешката Гимназија цвеќе положија претставници на здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Велес и Штип, како и претставници на Сојузот на Здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, претставници на Општина Велес, на Сојузот на борците од НОВ, на пензионерите и членови на семејствата на загинатите, пренесува МИА.

 
Како што потсети Бошко Божинов, претседател на Здружението од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес, во Граѓанската војна во Грција, Македонците од Егејскиот дел на Македонија земале масовно учество. Од 35 илјади учесници во Демократската армија на Грција 15 илјади биле Македонци. 
 
„Голготата на егејските Македонци - етничкото чистење, се издигнува до степен на Егзодус за време на Граѓанската војна и по поразот на Републиканската армија на Грција во 1949 година, кога еден дел од македонското население е физички ликвидиран, друг дел протеран преку граница, трет дел принудно емигрира, четврт дел пак со примена на невиден притисок и средства е асимилиран и денационализиран. Во војната гинат 20 илјади луѓе, а 28 илјади се принудени да заминат во источноевропските земји. Срамнети се со земја огромен број македонски села во Костурско, Леринско и Воденско, а рачиси сите села се опустошени. Протерани се и 25 илјади деца-бегалци од Егејска Македонија“, посочи Божинов.
 
Освен од Егејскиот дел во Граѓанската војна во Грција  земале учество и Македонците од другите делови на Македонија. Меѓу нив и од Велес. На први февруари 1948 година околу 120 млади борци доброволно заминале и стапиле во редовите на ДАГ, од кои 105 чии имиња се овековечени на оваа спомен плоча во Велес, ги оставиле своите животи во оваа војна, потсети Божинов.
 

 

Оцени ја веста

26.07.2015 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега