Започнува постапка на реорганизација на рудниците на Индо минерали, повеќе компании заинтересирани

Денес е отворен стечај на рудниците за олово и цинк на Индо минерали, како резултат на барањата на синдикатот.

Со отворање на стечајот се создаваат услови за реорганизација, компании да го превземат работењето и вработените да останат.

Лидерот на синдикатот за индустрија и рударство, Пеце Ристевски во изјава за КУРИР вели дека работниците досега минувале низ несигурност и агонија.

-Можеби парадоксално звучи, но факт е дека работниците од овие два рудника посакуваа стечај имајќи ја во предвид сета онаа агонија низ која поминаа претходните години. Никогаш не се знаеше кога ќе се исплати плата. Ако исплатеа нето плата, не се знаеше кога ќе се исплатат придонесите за да може да се користи здравствено осигурување. Безбедносните услови за работа под земја беа далеку од стандардните. Опремата дотраена, 4 неисплатени плати, нерегулирано здравствено. Повеќе беше неиздржливо во вакви услови да егзистираат, рече Ристевски.

Според Ристевски најважно е што работниците ќе бидат задржани на работа од компанијата.

Тоа значи дека работниците се безбедни, односно сите побарувања кои ги имаат секако ќе им бидат валоризирани, но она што е најбитно е дека со отворање на постапката за стечај се создаваат можности компании кои ќе имаат интерес да можат да го превземат работењето на рудникот.

Такви компании има повеќе кои покажуваат волја да го превземат, вработените да останат на работа и да продолжи нормалното функционирање.

Стечајот е резултат на надворешни долгови на Индо минерали направени во странство.

Инаку, рудникот се затвори за време на владеењето на СДСМ, а беше рестартиран токму во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

 
 
19.11.2015 - 17:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега