Камиловски: Не сум дал недозволена допинг супстанца, работиме според прописите

По повод изречената суспензија од дисциплинската комисија на УЕФА за Аријан Адеми поради позитивна допинг контрола за што ФФМ се уште официјално нема добиено допис, со своја реакција излезе и Виктор Камиловски, доктор на репрезентацијата на Македонија, пренесе МИА.

- Најпрвин сакам да го изразам моето жалење за целокупната ситуација во врска со допинг контролата за Аријан Адеми, инаку мој добар пријател и одличен фудбалер. Моментите се навистина тешки и Аријан ја има мојата максимална поддршка да издржи до крај. Како долгогодишен доктор на македонската фудбалска репрезентација под секаква кривична и морална одговорност изјавувам дека јас и мојот медицински тим работиме, а во иднина така и ќе биде, согласно строгите и прецизни пропозиции на ВАДА, УЕФА и Правилникот на ФФМ. Тоа е вистината, се друго е во доменот на шпекулациите и можност за зголемување на публицитетот како во Македонија така и во Хрватска и сето тоа за жал врз судбината на еден многу добар и надежен играч кој ги брани боите на нашата фудбалска репрезентација. Уште еднаш официјално изјавувам дека во мојата пракса ниту сум дал, ниту под било каков притисок ќе дадам недозволена допинг супстанца на спортист, се вели во обраќањето на д-р Камиловски преку веб страната на ФФМ.

Тој објаснува дека пронајдената супстанца во крвта на Адеми  „Stanosolol“ е синтетски анаболен стероид која ја користат главно билдерите како стимуланс за подобрување на физичките перформанси и тоа со зголемување на продукцијата на еритроцитите како и мускулната маса.

Докторот на репрезентацијата смета дека Адеми не заслужи толку висока казна.

- За мене како спортски трауматолог останува отворено прашањето дали можеби суспензијата не е превисока знаејќи дека во исти случаи, но во различни големи клубови казната била многу поумерена.

Д-р Камиловски ги демантира шпекулациите во некои медиуми дека можеби тој има вина за ситуацијата во која се најде Адеми.

- Секое понатамошно неоправдано користење на моето име ќе го сметам директно како клевета и нарушување на угледот и честа на мојата личност како високо рангиран професионалец за што ќе имам необорливи докази за било кој суд во земјата и на интернационално ниво.

Македонскиот репрезентативец и член на Динамо Аријан Адеми од дисциплинската комисија на УЕФА доби четиригодишна суспензија, откако беше позитивен на недозволени средства по натпреварот од 1. коло во Лигата на шампионите против Арсенал. 

 
 
23.11.2015 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега