Јолевски-Карпентер:Македонија е силно посветена на евроатлантските интеграции
Република Македонија е силно посветена на евроатлантските интеграции, а за тоа има несомнена поддршка од земјите-членки на Алијансата, особено Соединетите Американски Држави, заклучиле на денешната средба во Скопје, министерот за одбрана Зоран Јолевски и Мајкл Карпентер, заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД.
- Нашето место е во НАТО – Алијансата. Тоа го потврдува и целосниот политички консензус, како и високата поддршка од граѓаните на Македонија, рекол министерот Јолевски, соопшти денеска МО.
Тој додал дека активностите во МО, реформите за унапредување на стандардот на припадниците, процесот на модернизација и високата интероперабилност со армиите на земјите-членки на НАТО, покажуваат дека Македонија не застанува и продолжува да биде подготвена за следниот чекор – членството во Алијансата.
Сето она што го правиме, подвлекол Јолевски, е добро за членството во НАТО, но е особено важно и за нас самите, нашата подготвеност да бидеме гарант на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.
Министерот Јолевски истакнал дека се прават напори за унапредување на образованието и обуката на припадниците на АРМ, додека паралелно силно се вложува во модернизацијата на Армијата, процес кој е во напредна фаза и кој е планиран согласно сите НАТО стандарди.
Заменик-помошникот на секретарот за одбрана, Карпентер се заблагодарил на Македонија и на АРМ за одличните резултати и покажаните способности во мировните мисии, особено „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Карпентер ја потворил поддршката на САД за членство на Македонија во НАТО и изразил надеж дека тоа ќе се оствари час поскоро.
- Вие сте посакуван партнер, во мировни мисии, вежби и обуки. Ние ги знаеме вашите капацитети и немаме сомнеж дека ќе бидете дел од Северноатлантската алијанса, додал тој.
Во рамки на посетата на Македонија, заменик-помошникот Карпентер ја посетил и Здружената оперативна команда, односно првата механизирана пешадиска бригада каде се запознал со активностите на јужната граница поврзани со мигрантската криза. Ги посетил и капацитетите на Центарот за обука на пилоти, единствен според понудата во Југоисточна Европа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа